Во големата сала од Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, истоименото културно уметничко друштво кое функционира во рамките на центарот, вечерва со почеток во 19 часот ќе го одржи традиционалниот велигденски концерт, по повод големиот христијански празник. Покрај локалното културно уметничко друштво, на овој концерт ќе настапат и гостите на ансамблот „Кочо Рацин“ од Скопје.
– Вечерва со почеток во 19 часот во големата сала од Центарот за култура во Кичево, нашето друштво ќе го одржи традиционалниот велигденски концерт. На концертот ќе настапат сите категории играорци од почетничка, детска група, младинска група и ветерани. Детската група ќе ги изведе „Собери оро Кадан Тодоро“, „Дошло писмо“ и фрагмент од „Ѓурѓовден“. Почетничката група ќе ги изведе орските сплетови „Врбо врбичице“, „Ситна лиса“, „Црногорка“ и „Китуше Мируше“. Младинската група ќе се претстави со фрагменти од „Жетварки“ и „На мегдан“ додека ветеранската група ќе го изведе сплетот „Копачија“- истакна уметничкиот раководител на оркестарот, Јовче Митрески.
Тој наведе дека на овој концерт нивни гости ќе бидат и членовите на ансамблот „Кочо Рацин“ од Скопје, кои ќе ги изведат сплетовите „Седенка“ и „Игри од Источна Македонија“, додека оркестарот ќе ја изведе „Миланова игра“ посветена на неодамна починатиот маестро Милан Завков и додаде дека на овој концерт ќе се претстават и вокалните солисти – Ангела Богданоста со песната „Јовано, мори Јованке“ и Кристијан Митрески со песната „Што ми е мерак пољак да бидам“.
Овој културен настан финансиски е поддржан од Министерството за култура. З.А.