Традиционален новогодишен гала-концерт во Филхармонијата

Вечерва, во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот новогодишен гала-концерт, насловен „Исток“. Диригент е Емил Табаков, а како солисти ќе настапат сопранистката Милена Арсовска (Македонија/Австрија) и баритонот Иван Наумовски (Македонија/Австрија).
На програмата се дела со типично „новогодишен“ концепт, а валцерот како музичка форма ќе биде составен дел од овој концерт. Публиката ќе има можност да чуе дела од Штраус, Чајковски, Лехар, Лумбије, но и посовремени музички толкувања на темата валцер, како „Валцерот на Амелија“ на Јан Тирсен од филмот „Чудесната судбина на Амели Пулен“, „ Маскарада валс“ на Арам Хачатуријан, „Валцер за збогување“ на Алфред Шнитке и др.
Сопранистката Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломира соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. Милена Арсовска дебитира во Македонската опера и балет, каде што настапува во продукциите на оперите „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“… Виенското деби, пак, во Театарот во Виена доаѓа во 2010 година, со настап во оперетата „Лилјакот“ и „Суор Ангелика“, а понатаму настапува во театрите во Магдебург, Вајмар, Прага и Острава.
Македонскиот бас-баритон м-р Иван Наумовски ги завршува своите дипломски студии по вокално пеење на ФМУ во Скопје, во класата на Марија Муратовска. Три години подоцна магистрира на Државниот универзитет во Грац, како и на Универзитетот во Виена. Во 2015 година му е врачена престижната македонска награда „Виртуози“, доделена од СОКОМ, за најдобар млад уметник во Македонија. Во 2016-та дебитира во МОБ, на отворањето на „Мајските оперски вечери“, со главната улога во „Евгениј Онегин“. Во 2022 година одржува рецитал со уметнички песни во Скопје и ја дели сцената во Виена со еден од најпознатите баритони на сите времиња Лео Нучи. Од октомври 2022 година Наумовски работи како доцент на ФМУ по соло-пеење.