ПОЧНУВА НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ФИЛМ
Од денеска до 14 јуни ќе се одржи 25-то издание на неделата на италијанскиот филм „Италиан скринс“, организирана од италијанската амбасада во Скопје, во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград и Кинотеката на Македонија. Фестивалот е под покровителство на проектот „Италиан скринс“ за поддршка на интернационализацијата на италијанскиот аудиовизуелен сектор, чија цел е промовирање на најдоброто од италијанската филмска продукција во странство и вклучува и алатки за поддршка на италијанската кинематографија, како што се даночни кредити и средства за дистрибуција и копродукции.
Иницијативата, осмислена од Роберто Стабиле – раководител на Секторот за интернационализацијата, е резултат на соработката меѓу италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и Генералниот директорат за кинематографија и аудиовизуелни уметности при Министерството за култура и „Синесита“.
На годинашното издание ќе бидат прикажани шест од најуспешните филмски остварувања на современата италијанска кинематографија. Филмовите, сите дистрибуирани меѓу 2024 година и првите месеци на 2025 година, се учесници на престижни меѓународни фестивали и добитници на значајни награди и признанија од критиката и јавноста. Темата што совршено ги обединува насловите во програма е патувањето: интерпретирано во буквална смисла со значење на пат кон родната земја или далеку од неа – но исто така и како визуелно, внатрешно, егзистенцијално, временско или емоционално патување.
Вечерва фестивалот ќе го отвори „Партенопе“ (2024), најновото ремек-дело на наградуваниот Паоло Сорентино: филм што претставува единствен склоп на поезија, носталгија и љубов кон Неапол, родниот град на режисерот. Во центарот на наративот се наоѓа Партенопе, независна и антиконформистичка жена, со магнетна убавина и вечен порив по знаење. Нејзиното егзистенцијално и симболично патување, обележано со значајни средби, љубови, пријателства и разочарувања, е длабоко испреплетено со Неапол, прекрасен и декадентен град, колку убав толку и проклет, кој во филмот станува своевиден лик, жив и неуморен.
Утре ќе биде прикажан „Заслепеност“ (2025) од Роберто Андо, кој ќе нè одведе на патување низ историјата. Филмот е инспириран од кратка и помалку позната приказна напишана од Леонардо Шаша, заснована на маргинална, но вистинита епизода од националното движење за обединување на Италија. Режисерот ги меша историската драма и комедијата, комбинирајќи ја верната реконструкција на фактите со емоционална и иронична нишка доверена на измислени ликови. Преку овој пристап, филмот нуди нова перспектива на револуцијата, која го доведува во прашање хероизмот на официјалната историја и нуди размисли за конструкцијата на италијанскиот идентитет и илузиите што го придружуваа процесот на обединување.
В среда на програмата е филмот „ИзбезУмени“ (2025), најновото дело на Паоло Џеновезе, забавна романтична комедија што ни дава увид во најскриените мисли на двајцата протагонисти, откривајќи ги мистериозните механизми што ги водат нашите постапки и внатрешните конфликти што влијаат на нашите избори. Различните ликови присутни во умовите на протагонистите, претставени од двајца исклучителни актери, земаат глас и добиваат тело: ќе ги видиме како дискутираат, се расправаат, се радуваат и се трогнуваат. Секој од нив ќе се обиде да добие предност над другиот за да ја одреди конечната одлука, што доведува до комични и непредвидливи ситуации, но исто така и до ситуации богати со мисли за човечката психологија.
В четврток, 12 јуни, ќе се прикажува „Неапол – Њујорк“ (2024), новиот филм на оскаровецот Габриеле Салваторес, слободно инспириран од оригинална приказна на Федерико Фелини. Дејството се случува во повоениот период, а долгометражниот филм раскажува за епското патување на две деца што решаваат да го напуштат Неапол поради желбата за подобар живот во ветувачкиот Њујорк. Вешто балансирајќи ги комедијата и драмата, режисерот нè поттикнува да размислуваме за актуелните прашања како што се миграцијата, солидарноста и дискриминацијата.
В петок, 13 јуни, ќе следува „Како големи“ (2025) на Грета Скарано, во нејзиното режисерско деби со лесен, но не и површен филм. Заснован на автобиографски роман, филмот деликатно и иронично се осврнува на темата за аутизмот, избегнувајќи каква било реторика или форма на патетика. Горчливо-сладок портрет на патување кон самостојноста, меѓу соништата, кршливоста и споделеното созревање, пронижано со хумористични сцени.
Фестивалот ќе се затвори в сабота, на 14 јуни, со филмот „Дијаманти“ (2024), новиот кинематографски успех на Ферзан Озпетек, кој ја освои наградата „Давид ди Донатело“ од гледачите оваа година. Сместен во римска кројачка работилница во 1974 година, филмот ја раскажува приказната за човечките и работните односи на група жени вклучени во кроењето филмски костими. Преку овој микрокосмос, Озпетек истражува универзални теми како што се борбата против патријархатот, потрагата по идентитет, љубовта и пријателството. Резултатот е хармонично и полицентрично дело што ги слави женското соучесништво и отпорност.
Сите филмови ќе се прикажуваат на оригинален јазик со титли на македонски и на англиски јазик. Проекциите ќе се одржат во историската Кинотека на Македонија и ќе започнуваат во 20 часот.