Премиерно на Македокс, во недела (18.08) во 22.30 часот во Сули ан, ќе бидe прикажан краткиот документарен филм „Танцувајќи со Камара” на режисерката и монтажерка Сандра Ѓоргиева.
Катарина Камара е кореографка и танчерка по современ танц од Португалија која држи часови по танц на затвореници во затворот „Лињо“, во Лисабон. Нејзината силна енергија и авторитет и даваат слобода да се движи во ист простор со мажи осудени на долги затворски казни и одгледани во патријархален систем. Таа верува дека преку танц и разговори може да им го подобри процесот на рехабилитација, но и да помогне овој свет да стане подобро место за нејзината осумгодишна ќерка.
Филмот е снимен, режиран и монтиран од Сандра Ѓоргиева како дел од Еразмус мастер програмата ДокНомадс, која се одвива во три универзитети во три земји, Португалија, Унгарија и Белгија.
Продукцијата е на ДокНомадс, под менторство на Виктор Кандеиас, Тиаго Еспања и Маргарида Кардосо.
Сандра Ѓоргиева има завршено Факултет за Драмски Уметности во Скопје, отсек Филмска и ТВ монтажа, и после тоа работи во постпродукција на ТВ серии, а паралелно се занимава и со режија и сценарио. Претходни филмови се „Зелени ѕидови, црна храна“ (2015) „Црно и бело“ (2019) „Еден тон сладолед“ (2021).
Во моментот, паралелно со студиите, е во препродукција на краткиот филм „Сертификат за живот“, развиен на Мидпоинт Институт, во продукција на Минимал Колектив, а поддржан од Агенција за филм.