Светски реномираните уметници Дан и Лиа Пержовски, кои пристигнаа во Скопје, веќе ги исцртуваат ѕидовите на Музејот на современата уметност во Скопје и се подготвуваат за нивната самостојна изложба, која ќе биде отворена вечерва, во 20 часот. Кураторка на изложбата е Мира Гаќина. Пред официјалното отворање на изложбата, во 19.30 часот, Дан и Лиа ќе направат музејска тура за посетителите што се заинтересирани одблизу да ја доживеат нивната уметничка практика, која ги поместува границите на современата уметност денес. Уметничкиот пар досега ги има исцртано ѕидовите во „МоМА“ во Њујорк, „Тејт модерн“ во Лондон, центарот „Помпиду-Бобур“ во Париз, музејот „Ванабе“ во Ајндховен и други, така што ова е исклучително ретка можност да ги имаме во МСУ-Скопје.
Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот, ќе се претстави со проектот „Обновени вести“, фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Дел од неговата изложба е и интерактивен. На поставката ќе има ѕид, каде што посетителите ќе можат да нацртаат или да напишат нешто доколку имаат што да кажат.
– Моите цртежи се инспирирани од медиумите, особено од печатените медиуми. И многу често преку цртежот ја визуализирам срцевината, она што е нагласено во информацијата. Темите како војна, емигрантски кризи, богати наспроти сиромашни… се теми што постојано се повторуваат во различни околности. Дел од овој концепт веќе имам изложено во Њујорк пред неколку години, во продолжена и дополнета верзија го пренесувам и во МСУ, бидејќи е сѐ уште актуелен – вели Дан.
Лиа Пержовски, истражувачка, уредничка и концептуална уметница, ќе се претстави со проектот „Сет за преживување (избор од музејот на знаењето)“, во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела.
– Во мојот изложбен простор креирав две институции, архива од современата уметност и музеј на знаењето. Денес светот живее во хибридна војна, освен воените жаришта, тука се и пандемиите, глобалното затоплување… Па, затоа изложив објекти – неопходен сет за камуфлажа и преживување. Но она што им е најмногу потребно на луѓето денес е знаењето. Земјите се менуваат многу брзо, затоа треба да бидеме адаптибилни и покреативни. Изложбата е повеќеслојна и, покрај уметноста и знаењето, се занимава и со аспектите што го градат идентитетот на еден човек – вели Лиа.