Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“ ќе приредат ексклузивен концерт во големата сала на Македонската филхармонија вечерва, во 20 часот. Ова музичко доживување ќе биде вечер исполнета со врвна уметност и незаборавни емоции, донесени од еден од најистакнатите виолинисти на нашето време.
На програмата ќе бидат изведени дела од П.И. Чајковски, Н. Паганини, К. Сен-Санс, Ж. Масне, А. Бацини и од П. Сарасате, ветувајќи музичка вечер проткаена со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Стефан Миленковиќ и „Профундис“.
Виртуозниот Стефан Миленковиќ е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по својата длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност. Во својата кариера, тој е добитник на многубројни награди и признанија, а во Србија ги носи титулите за „Уметник на векот“, „Најхумана личност“, „Личност на годината“ и е еден од најпознатите српски уметници што гради кариера на сцените во светот.
– Поминаа повеќе од пет години од мојот последен концерт, па затоа со нетрпение чекам да се видиме во Скопје, град што има прекрасна публика и каде што имам многу пријатели! – изјави тој како најава за претстојниот концерт.
На сцената, Миленковиќ ќе биде придружуван од камерниот оркестар „Профундис“, познат по својата уникатност, виртуозна музикалност и креативност во настапите, што го прави еден од водечките камерни оркестри, како во Македонија така и во регионот.
– Чест е да го имаме Стефан Миленковиќ како дел од нашата програма оваа сезона. Неговата виртуозност и страст кон музиката совршено се вклопуваат со уметничките стандарди на нашиот оркестар, а верувам дека публиката ќе ужива во еден од најдобрите концерти оваа година – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметничка раководителка на камерниот оркестар „Профундис“.
Миленковиќ со својата кариера започнал на само шест години, одржувајќи повеќе од 1.000 концерти пред да наполни 16 години. На само 10 години настапува пред претседателот на САД, Роналд Реган, на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свири за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапува пред папата Јован Павле Втори. На 16 години го свири својот 1.000-ти концерт во Монтереј, Мексико, а на 17-годишна возраст веќе има победено на голем број натпревари за млади виолинисти.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во Македонија, Националната опера и балет и Националната филхармонија.