Избрани првите добитници на стипендија
Саранда Мехмеди и Иван Антоновски се првите добитници на стипендијата „Ацо Шопов“, која фондацијата „Ацо Шопов – поезија“ одлучи да им ја доделува на студенти од втор и од трет циклус, по минатогодишното одбележување 100 години од раѓањето на македонскиот класик. Кандидатите се избрани едногласно од стручното жири на фондацијата, чии членови се: Лидија Капушевска-Дракулевска (УКИМ), Луси Караниколова-Чочоровска (УГД Штип), Намита Субиото (Универзитетот во Љубљана) и Јасмина Шоповa, потпретседателка на фондацијата.
„Ацо Шопов: Антрополошките структури на поетската имагинација“ е темата на магистерскиот труд на поетесата и препејувачка Саранда Мехмеди, студентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Трудот има цел да го истражи творештвото, т.е. поетската имагинација на Ацо Шопов од антрополошка гледна точка преку теоријата на францускиот антрополог Жилбер Диран.
– Кандидатката ќе успее да ги заокружи своите познавања од теоријата на книжевноста и книжевната херменевтика, од една страна, а од друга страна, ќе ги примени тие познавања во анализа на поезијата на Шопов, која минуциозно ја познава, како врз основа на поетската блискост со нашиот голем автор така и врз основа на нејзината персонална креативност во доменот на поезијата, но и во доменот на поетскиот превод, кој претпоставува совршено познавање на албанскиот и на македонскиот јазик – вели менторката Маја Бојаџиевска.
Трудот на Иван Антоновски е посветен на современата македонска поезија, се базира на компаративно проучување на две огромни стилски епохи од македонската книжевност, а притоа „поезијата на Шопов зазема место што е во согласност со Конкурсот за стипендијата“.
– Темата, со својот опфат има речиси енциклопедиски карактер – вели понатаму менторката Весна Мојсова-Чепишевска. Таа, исто така, упатува на заклучоците на рецензентската комисија избрана од Наставно-научниот совет на факултетот, која, познавајќи ги можностите на кандидатот, гледа одлична можност за исклучителен научен труд.
– Дотолку повеќе што досега „посеопфатни генолошки, а уште помалку проучувања на стилските доминантни и аналогии не се правени. Трудот се базира на обемен корпус, над 500 библиографски единици стручна литература, јасно дефинирана методологија и систем од хипотези, при што за последната хипотеза уште однапред може да се тврди дека е теза: сиот тој интертекстуален дијалог резултира со појавата на современи македонски канонски поети, такви кои зад себе оставиле ако не цели ‘школи’, тогаш барем следбеници/епигони во смисла на руските формалисти: оние што ја доработуваат воспоставената канонска форма. Меѓу нив и школата на Шопов“ – вели менторката Весна Мојсова-Чепишевска.
Таа смета дека „преку овој докторски труд може да се очекува исчитување и растајнување на досега малку анализирани сегменти од опусот на Шопов“, а следствено, како резултат од ова истражување, може да се очекува и одделна монографска публикација за дијалогот на современата македонска книжевност со средновековието преку примерот на Шопов.
Магистерска стипендија, во износ од 1.500 евра, ќе биде исплатена двократно, во текот на една година по доделувањето на стипендијата. Докторската стипендија, во износ од 3.000 евра, ќе биде исплатена трикратно, во текот на две години по доделувањето на стипендијата. В.Д.