Познатиот италијански дневен весник „Ла стампа“ во написот посветен на овој стрип истакна дека „сценаристот Рекиони, приказната во стрипот ја раскажува во манирот на еден Акира Куросава или Сем Пекинпо, што е најголем можен комплимент што може да го добие еден стрип-автор“
Стрип-издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, го издаде десеттиот графички роман „Чанбара“ од италијанскиот авторски тандем Роберто Рекиони (сценарист и долгогодишен главен уредник на популарниот италијански стрип-серијал „Дилан Дог“) и Андреа Акарди (цртач на некои од најпознатите италијански стрипови, како „Текс Вилер“ на пример).
– Станува збор за поново остварување на италијанскиот издавачки гигант „Серџо Бонели едиторе“, кој повеќе децении на нашите простори е познат по популарните јунаци: Дилан Дог, Марти Мистерија, Загор, Текс Вилер, Мистер Но… Терминот „чанбара“ на јапонски сленг означува борба со мечови и има посебно место во златната ера на филмот во Јапонија помеѓу 1940-тите и 1960-тите години. Стрипот дава минуциозен опис на феудалните состојби во Јапонија во 17 век. Покрај внимателно изградената структура на ликовите, во него детално се прикажани и зафрлените села, куќите, оризовите полиња, ентериерот… – вели издавачот.
Познатиот италијански дневен весник „Ла стампа“ во написот посветен на овој стрип истакна дека „сценаристот Рекиони, приказната во стрипот ја раскажува во манирот на еден Акира Куросава или Сем Пекинпо, што е најголем можен комплимент што може да го добие еден стрип-автор“.
– И навистина, „Чанбара“ е извонреден стрип не само поради прекрасниот цртеж на Андреа Акарди туку и поради фасцинантната способност на Роберто Рекиони да раскаже безвременска приказна. Креативната уметничка соработка на двајцата реномирани италијански автори во ова дело го обележува врвот на нивните кариери. Македонскиот превод на делото е печатен во форма на репрезентативно библиофилско издание во тврд повез и боја. Покрај македонското издание, преводи од интегралните изданија на „Чанбара“ се објавени и во Франција, Шпанија, Мексико, Бразил и Србија – велат од „Бункер“.
Делото беше промовирано во рамките на второто издание на стрип-фестивалот „Стрип трип“ на 8 јуни, во Младинскиот културен центар, во присуство на авторите, кои специјално за оваа пригода допатуваа од Италија, со поддршка од Амбасадата на Република Италија во нашата држава.
Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура. Преводот од италијански јазик е на Искра Димковска, а лектурата на Татјана Б. Ефтимоска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с. Издавачот „Бункер“ веќе 13 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас. В.Д.