Фото: Приватна архива

Јас само го запишувам она што го чувствувам и од душата си препишувам. Можеби сум крадец, ама од друг не земам туку од своето споделувам, вели поетот Марко Виденовиќ, чија трета стихозбирка „Будење“ светлината на денот ќе ја здоглед в сабота, точно напладне во „Бифе Тафталиџе“, во скопската општина Карпош.

– В сабота, во 12 часот напладне нема да пристигне календарската пролет, таа ќе дојде неколку дена подоцна. Но в сабота, во 12 часот, на сончевата тераса во „Бифе Тафталиџе“, денот ќе го види мојата нова стихозбирка која е насловена „Будење“. Во неа има песни од и за секој од вас. Во ова време на напредна технологија која ни овозможува да бидеме заедно и тогаш кога сме разделени, имаме можност само да прочитаме едни за други и понекогаш навистина да дознаеме за тоа кој како се чувствува, а во останатите случаеви само да претпоставуваме. Во сето тоа напредно секојдневие ние се одвикнавме да сонуваме, и кога спиеме, а и тогаш кога не спиеме. Нашите средби еден спроти друг се сведени на минимум, разговорите се водат со пишување, но без мирис на хартија, без допир и поглед, без никаква емоција. Ете токму поради сето ова се роди стихозбирката „Будење“ за која го молам Бога и се надевам дека ќе допре до заспаните души и мисли, и ќе ги натера да се разбудат од тој кошмарен сон. Ќе ми биде чест и неописливо задоволство да се видиме на 16 март во 12 часот, кај Шоте во „Бифе Тафталиџе“, да си помуабетиме додека сонцето ќе нѐ гали – напиша Марко Виденовиќ на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, како покана до сите љубители на убавиот збор да дојдат на неговата промоција.

Ова е негова трета збирка поезија. Инаку, Виденовиќ по професија е музичар, чија прва љубов била виолината, а сега е водач на виолите во Македонска филхармонија. Воедно членува и во други состави, а и компонира музиката. Љубовта кон пишаниот збор кај него се јавила во 2018 година, кога своите први песни почнал да ги споделува на социјалните мрежи. Како што вели, кај него љубовта кон музиката и кон пушувањето се прелеваат.

Главен иницијатор и поттикнувач за издавањето на збирката „Будење“ е Саша Шотаревски – Шоте, газдата на култното „Бифе Тафталиџе“. Рецензент на книгата е Ана Бунтевска, корицата на „Будење“ е на Милан Андов, а илустрациите во книгата се на Снегана Мелник. Сепак, како што велат, најзаслужен што книгата виде бел ден е Сашо Јовчевски.

Промоцијата во сабота е замислена како неформално дружење, со читање на песните, и размена на убава неергија. Книгата ќе може да се купи на промоцијата, а секако и да се добие потпис од авторот, а ќе може да се набави и онлајн. Во план се и промоции во други градови, најпрво во Битола.

Марко Виденовиќ е роден 1980 година во Крушевац, Србија. Основното и средното музичко образование ги завршил во Битола, а високото образование го стекнал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот виола. Како член на повеќе камерни состави и ансамбли („Бревис квартет“, „Мјузик прогресив квартет“, „Алеа“ -ансамбл за современа музика, Битолски камерен оркестар, Младински оркестар на југоисточна Европа, Оркестарот на музичка младина на Македонија, Камерен оркестар на македонска филхармонија и други) настапувал на подиумите ширум Македонија и низ светот. Свој удел како композитор и аранжер остварил во Филмовите „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“. Тој е и комплетен автор на музика која ја изведува Мјузик прогресив квартет.

По музиката, негова втора пасија било цртањето карикатури, што траело неколку години, се додека не почнал да пишува позеија.

– Спојот помеѓу музиката, цртањето и пишувањето е можноста на искажувањето на сето она што сакате да го споделите, да си олесните, да развеселите некого и да му олесните. Секој треба да пронајде начин на себеискажување, бидејќи секој во себе носи нешто убаво кое некому би му помогнало во одреден период од животот и себично, а и жално е тие нешта да ги задржиме во себе – вели Марко Виденовиќ. М.Т.