Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се сретна со група македонски студенти на престижните британски универзитети при нејзината посета во Лондон по повод 30-годишнината од воспоставувањето на македонско-британските дипломатски односи. Оваа средба беше организирана од македонската амбасада во Лондон. На средбата, студентите што ги стекнуваат своите знаења на универзитетите во Лондон, Манчестер, Бристол, Виндзор ја информираа министерката дека нивната заедница на стипендисти е најголема во Манчестер.
Тие ги споделија придобивките од студиите на универзитетите во Обединетото Кралство, при што рекоа дека нивна заедничка цел е професионално да се реализираат во својата држава. Искрено веруваат дека во матичната земја ќе се валоризираат нивните знаења и искуства од британските универзитети и ќе бидат препознаени придобивките од нивната вклученост во унапредување на секторите за кои се школувани. Македонските студенти ги искажаа својата подготвеност и желба да ги имплементираат своите вештини во развојот на македонската држава. Тие посочија дека е корисно да ги употребат сите меѓународни врски што ги стекнале во студентските кампуси за да привлечат странски инвестиции и да отворат сопствени бизниси. На тој начин, преку контактите и вмрежувањето што ги оствариле во Обединетото Кралство, ќе можат да ги зајакнат политиките на локално ниво и ќе придонесат за развој на македонската економија, во сопствената татковина.
– Разговаравме за начините како активно да се поддржат нивните идеи, со фокус на иновациите и истражувањата, и да се спроведат нивните иницијативи заеднички, со заложбите на Владата и на Министерството за култура. Покрај дефицитарните кадри во државата, треба да се искористат и да се пополнат и местата за професионалните кадри, кои ни се потребни и неопходни за во иднина, преку активно вклучување на младите студенти и професионалци, кои се двигатели на секое општество – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека е од непроценливо значење што тие престојуваат и учат во Обединетото Кралство, бидејќи тоа е ретка можност да се запознаат луѓето од целиот свет и да се научи повеќе за нивната култура и традиција.