Изложба на цртежи од Лоран Куфало во КИЦ

Културно-информативниот центар – Скопје поканува на отворањето на изложбата на цртежи од ликовниот уметник Лоран Куфало насловена „Муабет со портретот и актот преку цртежот“ денеска, во 20 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, изложбен салон Империјал 1.
– За мене, цртежот е темелот и коренот на секоја креативна идеја. Тој е постар дури и од пишаниот збор и во неговата едноставна линија јас секогаш гледам сила, искреност и директност. Преку линијата, јас ги откривам мојот карактер, мојот темперамент и мојата внатрешна состојба. Секоја цртежна трага е откривање на моето ниво на ликовна писменост, но уште повеќе – тоа е огледало на мојата душа. На прв поглед, моите цртежи можат да изгледаат „едноставни“. Но токму во таа едноставност јас ја наоѓам нивната најголема сила. Секоја линија што ја повлекувам има своја тежина, свое место и своја динамика. Секој потег е трага од мисла, од емоција, од здив што сум го доживеал во моментот на создавањето – истакнува Лоран Куфало
Моите портрети и акти секогаш се линеарни, брзи, живи и непредвидливи. Јас ги работам во занес, во кратки интервали на време, како да сакам да ја фатам искрата на моменталното чувство и да ја пренесам на хартија. Некои од нив настануваат преку модел, но многу често дозволувам мојата имагинација да ме води. Сите тие, без исклучок, се одраз на моите длабоки внатрешни доживувања. Кога цртам, јас не се ограничувам само на линија – јас цртам движење, поглед, психолошка состојба, карактер. Понекогаш акцентирам само еден детаљ – рака, очи или моментален израз – и токму во таа фрагментарност се крие целата сила на мојот ликовен ракопис. Тоа е мојата лична азбука на изразување, мојот начин да зборувам без зборови. Секој лик и секое тело за мене се универзум. Портретот ми дава можност да нурнам во една внатрешна драма или радост, додека актот ми овозможува да ги доловам слободата и убавината на формата. Во тие цртежи јас гледам цел свет, скриен во едно лице или една силуета, додава Лоран Куфало.
– Со оваа изложба јас не нудам само визуелно искуство – јас повикувам на дијалог. Повик до гледачот да застане, да погледне подлабоко, да почувствува и да размисли. Сакам моите цртежи да станат нивни сопствени приказни, нивни сопствени емоции, во тивок разговор што не бара зборови – подвлекува Лоран Куфало.
Лоран Куфало е роден во 1967 година, во Скопје – Македонија. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, 1992. Имал неколку самостојни изложби. Изложбата ќе биде отворена до 29 октомври.