Изложба на слики на Владимир Георгиевски во Велес
Изложба на слики на Владимир Георгиевски (1942 – 2017), еден од најзначајните македонски уметници, кој зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство, ќе биде отворена денеска, во 13 часот, во Ликовниот салон во Велес. Георгиевски зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство.
– Во неговите дела болска златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовно благо закопано длабоко под површината на неговите слики. Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, спроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, до затрупаните извори на уметноста, таму каде што сè почнува, враќајќи се кон загубените вредности на сликарството и на сликата, кон класичната формула и мајсторската форма. Овој „блуден син“ на современата македонска уметност тргна на неизвесно патување, осамен меѓу своите современици, барајќи ја вистината. Тоа беше пат на кој тој тргна и во потрага по сопствениот, личен творечки знак и сопственото себесознавање, низ привидот што го опкружува. Неговите творечки занеси го водеа на долги и неизвесни патувања по пустите предели на стварноста низ долините каде што врие, се прелева и се пресоздава животот до највисоките врвови каде што воздухот е студен и проѕирен како кристал, а видикот широк и јасно може да се види светот – вели историчарот на уметност Емил Алексиев.
Според него, творештвото на Владимир Георгиевски се опира на сите обиди да се класифицира и систематизира, пропаѓа секој обид да се подреди во хронолошки ред поради идејата на сликарот за безвременоста на делата.
– Најголем дел од делата е недатиран, еден ист мотив е работен повеќепати во различни временски периоди и во разновидни сликарски техники, сликите се преработувани и доработувани во обид да се пронајде најдобриот од сите можни модели… Неговото творештво е како животот – буи, блика, расте и се разгранува во својот природен развиток, не водејќи грижа за правилата и ограничувањата што ги наметнува современото општество, ниту пак води сметка за модните трендови и вкусот на неговите современици – вели Алексиев.
Владимир Георгиевски уште на самиот почеток ги става човекот и неговата драма на постоење во центарот на својот сликарски свет. Тој создава дело за човекот од човекот.
– Во најдобрата традиција на светското сликарство, со мајсторство на кое нема што да му се забележи, Владимир Георгиевски се обиде да му го врати на сликарството загубеното достоинство и одново да го доближи до филозофијата разбрана изворно како љубов кон мудроста – заклучува Алексиев. В.Д.