По повод големиот христијански празник Цветници, во Струга ќе се одржи настанот „Славословие од срцата на децата“, со цел да се одбележи празникот во духот на традицијата, верата и детската креативност. Настанот ќе се реализира во пријатна празнична атмосфера и ќе вклучува разновидна програма со песни и рецитали, како и конкурси за ликовна и книжевна творба.
Манифестацијата ќе се одржи на 5 април, со почеток во 11 часот, во просторот кај црквата „Св. Пречиста Богородица“ во Струга.
– На настанот ќе бидат прогласени победниците од литературниот и ликовен конкурс на темата: „Срцето го чека Велигден“. Учесници на конкурсот се учениците од двете основните училишта ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Јосип Брзо Тито“. Победниците на конкурсот ќе добијат пригодни награди, а симболични награди ќе добијат сите. Настанот ќе заврши со празничен базар, а собраните средства ќе им бидат донирани на двете основни училишта. Се надеваме дека овој настан ќе прерасне во традиционален со поголем број учесници и посетители, од каде што ќе испратиме порака за љубов и меѓусебно разбирање непосредно пред најголемиот христијански празник Велигден – вели Димитри Ѓоргоноски.
Во рамките на програмата ќе биде организиран и велигденски базар со рачни изработки и празнични украси.
– Ќе направиме сè за овој настан да прерасне во традиционален и да се одржува секоја година на празникот Цветници, со сè поголем број учесници и посетители. Оттаму ќе испратиме порака за љубов и меѓусебно разбирање непосредно пред најголемиот христијански празник Велигден. Токму овој наш настан, во, за мене, најубавиот град во Македонија, ќе прати порака на љубов, емпатија, солидарност, разбирање – вели Леоница Чакареска, професорка по физика и заменик-директорка во „Браќа Миладиновци“.
































