Во галеријата на КИЦ на Македонија во Софија е отворена изложбата „Панта реи“ на прилепскиот уметник Марјан Стојаноски, на која се претставени ротирачки скулптури, изработени со користење метал и елементи од дрво. Делата се создавани во последните две години и беа претставени во КИЦ Скопје, годинава. Според Бранче Трајкоски, во новиот циклус „Панта реи“ се внесени и онтолошкиот и историскиот момент при градењето на скулптуралната нарација.
– Наративните модели на митското раскажување со филозофската мисловна логика преку процеси на деконструкција и реконструкција се доведени во врска, природно спакувана во поетиката на авторот, кој неретко создава синестезички односи меѓу визуелните впечатоци на различните материјали во просторот, како нова слика од неочекувани ревизии и оригинални уметникови конструкти, кои, секако, имаат свое незаменливо место во широката зафатнина од уметничкото светско наследство, а парафразата од Ф. Јансен, дека постмодерната е „поле на сили“ што дејствуваат во различни правци, во продолжение нека нѐ води кон откривањето на богатите референции на изложеното пред нас – вели Трајкоски за изложбата.
Марјан Стојаноски завршува ФЛУ во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на ДЛУМ. Во два наврата е претседател на Друштвото на ликовните уметници од Прилеп (ДЛУП), каде што во 2015 година ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул“. Ка.М.