Kонференција на Институтот за македонска литература
Kонференцијата „Урбаниот профил на Скопје во современата проза“, во организација на Институтот за македонска литература, ја отвори Наташа Аврамовска, директорка на институтот, по што беше промовиран зборникот „Писменото и книжевното културно наследство од Скопје и Скопско“. Наташа Аврамовска зборуваше на темата „Градот Скопје во семејната сага на Благоја Иванов“
– Романот „Стебло“ (2003) на македонскиот раскажувач Благоја Иванов загатнат како писателска потрага низ паметењето и реконструкција на семејната лоза на стари скопјани и дојденци од Скопско, наедно, распоредувајќи ја семејната сага во една поширока историска перспектива, ги слика просторот на градот и неговата мена. Хронотопот на градот е прикажан во периодот од падот на Отоманската Империја и заминувањето на Турците до денешни дни и притоа е лоциран доминантно во просторот на: скопската населба Чаир, чаршијата, Гази Баба, но и во контекстот на севкупниот развој на градот, односно мената на историските, општествените и економските услови – рече Аврамовска.
Лорета Георгиевска-Јаковлева ја анализираше претставата за градот видена преку антологијата „Ден во Скопје“ од Лидија Капушевска-Дракулевска.
– Големиот број автори раскажувачи што зборуваат за Скопје како за место за кое лично се врзани, имаат сопствени доживувања и градат сопствен вредносен систем што го условува секојдневното живеење, се можност да се проследи и анализира не само теоретската дистинкција туку и индивидуалното доживување на градот како основа за перцепцијата на еден вид урбано живеење – рече Георгиевска-Јаковлева.
За урбаниот профил на Скопје и културната меморија за Русија во романот „Еден сив мартовски ден“ од Тања Урошевиќ зборуваше Гоце Смилевски. Текстот претставува проучување на романот од аспект на Бахтиновиот концепт на хронотопот и на културолошките премиси за односот помеѓу културата и меморијата.
– Опфаќајќи временски период од повеќе децении, овој роман на Т. Урошевиќ претставува и интимна хроника на Скопје, која е впишана во пријателството на три женски лика, а наедно и рефлексија на руската култура преку културната меморија фундирана во семејната историја на дел од ликовите во делото – рече Смилевски.
„Поетиката на градот Скопје во романот Времето на козитe (1993) на Луан Старова“ беше тема на Африм Реџепи, а „Скопје – Вавилон помеѓу истокот и западот во Балканска Сага на Луан Старова“ е труд на Марина Цветаноска, чиј предмет е анализа на функцијата на градот Скопје во потрага по идентитетот во егзил и проникнување на градските пејзажи преку дијалог со градот.
– Средбата со „Балканската сага“ на Луан Старова е неповторлива
прошетка по старите скопски улици, чаршијата, Калето, тоа е одење по
бедемот на егзистенцијалното. Неговите книги се патување низ вековите на големите империи, преселбите, татковата библиотека и домот во срцето на Скопје – рече Цветановска.
За урбаната култура во повоено и предземјотресно Скопје преку романот „Зора зад аголот“ од Димитар Солев зборуваше Сарита Трајанова, според која, преку овој роман се претставува хрониката на Скопје во педесеттите години на минатиот век, по ослободувањето, меѓу Втората светска војна и земјотресот во 1963 година.
– Оваа хроника, всушност, е доловена преку историјата на славната скопска кафеана „Зора“, во која се испреплетуваат личните животни приказни на повеќе посетители и таа е просторна одредница за нивното секојдневно среќавање, поврзување, докажување. Од другата страна е писателот со постојаната жед за набљудување, анализирање во детали и бележење на стварноста – рече Трајанова.
Темата „Креативната трансформација на Скопје: Од Кружно патување на сенката на Д. Солев преку уметничката бајка до анимиран филм“ на Жарко Иванов се занимава со оваа лична и интимна приказна во пошироката тема на повеќекратните процеси на преселување на скопските гробишта, го актуализира исчитувањето на категоријата хронотоп, која во случајот на градот Скопје се реализира како увид во креативните репрезентации што ги посведочуваат промените на градскиот/урбаниот амбиент во неговите временски и просторни димензии.
„Иконични места на книжевната мапа на Скопје“ на Соња Стојменска-Елзесер нотира неколку топоси од мапата на Скопје што го предизвикале интересот на македонските писатели и кои се присутни во прозните дела, не само преку референци туку во вид на изградено наративно поставување или развиена дескрипција. При аргументацијата беа опфатени прозни дела од неколку современи писатели, меѓу кои: Кица Колбе, Влада Урошевиќ, Благоја Иванов, Томислав Османли и др.
Ана Мартиноска зборуваше за омнибусот за Скопје во прозата на Игор Анѓелков. Трудот ги истражува конкретните (и понекој имагинарен) хронотопи во прозата на Анѓелков, особено во романот „Шрапнел“ и збирката раскази „Двојна експозиција“ и ги поврзува сите овие скопски разгледници од различни времиња, од она носталгично Скопје и неговите маала на нашите детство и младост што веќе ги нема, преку транзициските промени што ја менуваа атмосферата на градот и го „просељачија“, па сè до поставувањето на депресивниот град на духови за време на пандемијата.
Дарин Ангеловски зборуваше за скопскиот земјотрес како хронотоп-сеќавање во современата проза, а во „Скопје – град на изгубени човечки вредности, изневери и драми“ Биљана Рајчинова-Николова се осврнува на збирката раскази „Приказни од шести кат“ на Драги Михајловски преку компаративна анализа на расказите „Ѓон“, „Скок со Стап“, „Антологичар“, „Милтон“ и „Триполската капија“. „Скопје: Емотивна географија на желбата“ е насловен трудот на Ана Јовковска, кој има цел да го претстави урбаниот лик на градот Скопје низ современата проза на Владимир Јанковски, конкретно преку љубовните приказни во неговите романи „Вечно сегашно време“ и „Невидливи љубови“.
Ема Лакинска зборуваше за урбаната семиотика на Скопје во збирката раскази „Улиците што ги нема“ од Оливера Ќорвезироска, а на Скопје во времето на проектот „Скопје 2014“ во хумористичниот роман на Жарко Кујунџиски „Скопје и сè е можно“ се осврна Сунчица Трифуновска-Јани.