Изминатата 2022 година беше исклучително продуктивна на полето на уметноста. Се реализираа голем број изложби, поставки, инсталации, групни и самостојни претставувања. Издвојуваме дел од уметноста што ја обележи годината во Музејот на современата уметност и во Националната галерија.
- Преку инсталации, скулптури, цртежи, колажи и видеодела, еден од позначајните уметници на интернационалната сцена, Ахмет Огут, инспириран од општествената, културната и политичката реалност, се претстави со самостојна изложба.
- Самостојни претставувања имаа и тројцата првонаградени млади уметници од минатогодишното, 13. Меѓународно биенале на млади уметници: Наташа Неделкова, Дарко Алексовски и Дритон Селмани.
- Самостојната изложба „На тенок мраз“ на познатиот карикатурист Лазо Плавевски соедини неколку генерации публика во МСУ – Скопје.
- Голем интерес побуди изложбата „Полска школа на колаж“ на светски познатите уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер. Двајцата полски уметници две недели пред отворањето на изложбата пред беа ексклузивни гости на МСУ, каде што во една од салите пред очите на јавноста создаваа нови дела.
- Можеби најмногубројна публика во МСУ успеа да донесе ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – ретроспектива“, со дела од македонскиот уметник Симон Узуновски.
- Традиционалната годишна изложба „Сè што ни е заедничко“ овој пат направи вистинска пресвртница, земајќи предвид дека се организираше во МСУ, како дел од програмата на 14-то европско номадско биенале за современа уметност „Манифеста“.
- МСУ – Скопје во 2022 година стана член на единствената глобална мрежа експерти од музејската дејност – Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност (CIMAM), во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност.
- Во текот на 2022 година, МСУ континуирано се подготвуваше и за големата поставка, која ќе се реализира во април 2023 година во престижниот простор „Кунстхале“ во Виена (кој е дел од „Музеум Квартиер“), еден од најголемите европски културни центри, каде што првпат ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје.
- Најзначаен проект во 2022 година на Национална галерија е претставувањето на фестивалот во Венеција. Проектот „Лендскејп експириенс“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска ја претставуваше Република Северна Македонија на 59. Венециско биенале. Проектот е мултимедиумска инсталација, составена од видеопроекции, фотографии и објекти. Тој третира повеќе проблеми и може да се чита на повеќе нивоа.
- По 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност, Националната галерија ја најави и отвори ретроспективната изложба на Димитар Кондовски Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.
- На програмскиот календар на Национална галерија се најде и изложбата во „Чифте-амам“ на Дриант Зенели, мултимедиумски уметник, кој во 2019 и 2011 година го претставуваше албанскиот павилјон на 58-та и 54-та меѓународна ликовна изложба „Биенале во Венеција“. Неговата „Трилогија“ постави тема како да ги поместиме границите на нашите ограничувања без да станеме суперхерои.
- Портретите на Илија Аџиевски, односно „Портретот во фокус“ е изложба што го претставува богатото портретно творештво на познатиот македонски скулптор.
- Појдовен момент за организирање изложба што има ретроспективен предзнак му е посветен на Теофил Шулајковски-Тофе, наш еминентен ликовен автор. На оваа изложба беа презентирани над 150 дела на македонскиот бард на акварелот, на која беа претставени најрепрезентативните дела од сите творечки фази.