Во понеделник во Музеј на македонската борба со почеток во 19 часот, концерт ќе одржи Мандолинскиот оркестар на ХГМД „Слога“ од Загреб, насловен „Мозаик на хрватската мандолина“.

Концертот се реализира во соработка со Амбасадата на Република Хрватска, а гостувањето е под покровителство на Министерството за култура и медиуми на Хрватска.

Следниот ден, на 31 март, оркестарот ќе настапи и во Битола, во КИЦ Офицерски дом, во соработка со МХД „Марко Марулиќ“.

Младинскиот оркестар на „Слога“, основан во 2022 година, обединува ученици, студенти и млади музичари со цел развој на нова генерација оркестарски изведувачи. Тие се подготвуваат за идно членство во ансамблот „Слога“, кој годинава одбележува 97 години постоење.

Оркестарот ја негува мандолинската традиција во Хрватска, изведувајќи класични и современи дела од домашни и странски автори. Во 2023 година настапи на фестивалот на мандолина во Имотски, каде освои втора награда, а има реализирано и турнеи во Србија и Италија.

Во последните години, ансамблот е посветен на оживување на дела од хрватски композитори и соработка со современи автори. Уметнички директор и диригент е Максимилијан Бориќ, професор по мандолина образуван на Конзерваториум „Џузепе Верди“ во Милано.

На програмата ќе се најдат дела од повеќе хрватски композитори.