Фото: Маја Јаневска-Илиева

Град Скопје во 2014 година првпат ја најави идејата за кандидатура за титулата европска престолнина на културата како дел од заложбите за европска интеграција на градот. Градовите што поднесуваат апликација треба да подготват културна програма со силна европска димензија, а мора да имаат трајно влијание и придонес за долгорочен развој на градот

Долгорочен проект со успешна завршница

Деновиве во Брисел е донесена конечната одлука дека Скопје ја добива престижната титула европска престолнина на културата (ЕПК) во 2028 година. Носител на апликацијата е јавната установа „Универзална сала“, а проектот е финансиран од Град Скопје. Одлуката е донесена откако Скопје, заедно со Будва, влезе во потесниот избор за титулата.
Тимот што работеше на апликацијата изработи нов дополнет „Бид бук“ според сугестиите на Европската комисија. Во новата публикација беа вклучени повеќе конкретни проекти што ќе бидат дел од годишната програма доколу Скопје ја добие титулата. На јавниот повик беа предложени мноштво иновативни проекти од повеќе области: културно наследство, дигитална култура, заштита на природната средина, урбано планирање, културна едукација, културни и креативни индустрии, меѓународни соработки (гостувања, резиденции…), општествена инклузивност на маргинализираните групи и сл.
Освојувањето на титулата ЕПК 2028 може да резултира со значителни културни, економски и социјални придобивки за градовите, под услов нивната понуда да е предводена од долгорочна развојна стратегија за културата. Градовите имаа рок до јуни 2023 година да ги комплетираат своите апликации. Панелот се состана во Брисел за да селектира и предложи еден град што ќе стане трета европска престолнина на културата од земја на ЕФТА/ЕЕА, по ЕПК Нови Сад (Србија) во 2022 година и ЕПК Бодо (Норвешка) во 2024 година.

Во истата година (2028) ќе има уште две европски престолнини на културата, една во Република Чешка (Бромув и Будвајс се најдоа во потесниот избор во октомври 2022 година) и една во Република Франција (селекцијата за француските градови ќе биде во декември годинава).
Град Скопје во 2014 година првпат ја најави идејата за кандидатура за титулата европска престолнина на културата како дел од заложбите за европска интеграција на градот. Скопје е главен град на земја со повеќегодишен кандидатски статус за членство во ЕУ. Оттогаш до денес на апликацијата работеа повеќе тимови составени од професионалци од повеќе области во културата и социјалниот живот.


Постапката за избор се спроведува во два круга

Постапката за избор за градовите да станат европска престолнина на културата се спроведува во два круга: предизборен круг, по што се составува потесен список на градови кандидати, и девет месеци подоцна финален изборен круг. За натпреварот меѓу градовите во земја на ЕФТА/ЕЕА, земја-кандидат или потенцијален кандидат што учествува во програмата на „Креативна Европа“, панел составен од 10 независни експерти, назначени од институциите и телата на Европската Унија, ги евалуира апликациите и предложува потесен список, а во вториот круг избраниот град го предлага до Европската комисија. Избраниот град потоа официјално се назначува од Европската комисија.
Градовите што поднесуваат апликација треба да подготват културна програма со силна европска димензија, а мора да имаат трајно влијание и придонес за долгорочен развој на градот. Градовите исто така мора да покажат дека имаат поддршка од релевантните јавни локални власти и капацитет за реализација на проектот (тим и инфраструктура).


Промоција на различноста на културите во Европа

Европска престолнина на културата е програма на Европската комисија започната во 1985 година. Идејата за ЕПК се иницира и започнува во 1985 година, по предлог на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури (актерка). Европската престолнина на културата прерасна во еден од најамбициозните културни проекти во Европа и стана една од најпознатите и најценети активности на ЕУ. Целта на ЕПК е да се промовира различноста на културите во Европа, да се истакнат заедничките карактеристики и да се поттикне придонесот на културата во долгорочниот развој на градовите. Програмата има цел да ги нагласи богатството и разновидноста на културите во Европа и да ги празнува културните карактеристики што ги споделуваат европските граѓани. Исто така има цел да го зголеми и чувството на припадност на европските граѓани кон една заедничка културна област и да го поттикне придонесот на културата во развојот на градовите.