Премиерата на „Дримкечер“ е закажана за в среда, во МКЦ

„Дримкечер“ е дистописка театарска претстава што ги следи соништата на четворица млади улични музичари, кои постојат во свет каде што сѐ е ограничено, но во исто време, сѐ е достапно и е на продажба.
Во оваа иднина (дали е навистина иднина?) каде што креативноста и автентичноста се истрошени, светот бара нови методи за да ги задоволи ненаситноста и вечниот глад на публиката. Па така, водени од консумеризмот, соништата на поединецот се сведуваат на обична трансакција каде што мораш да продадеш еден сон за да оствариш друг.
Претставата е делумно финансирана од Министерството за култура, а процесот на подготовка се одвиваше во Прага. Премиерата е закажана во киното „Фросина“ – МКЦ, в среда, во 20 часот.
Драматург е Натали Спасова. Претставата е во режија на Виктор Бужаров и Натали Спасова, а улогите ги играат Сара Климовска, Хари Михајловски, Тамара Ристоска и Стефан Петровски. Со Стефан разговараме за идејата, ликовите и пораката на претставата.

Како дојде до идејата да се реализира претставата, кој е дел од неа?
Сценариото за оваа претстава е напишано од Натали Спасова пред неколку години, меѓутоа беше потребно да се најдат вистинскиот тим и, секако, финансии за да може да се реализира онака како што беше замислена. Јас бев инволвиран во проектот претходната година, од страна на Натали и Виктор Бужаров, кои се корежисери на претставата. Со Виктор сме колеги од факултет, кастингот е во состав со уште неколку колеги од висока класа, Сара Климоска, Хари Михајловски и Тамара Ристоска, со кои немаме заедно застанато на сцена од времето на студентските денови. Бидејќи Натали и Виктор живеат во Прага, каде што имаат основано свој театар (D Theater), тимот на актери аплицираше за грант за мобилност (Culture Moves Europe), кој ни беше одобрен, и исто така потпомогнати и од Министерството за култура можевме веќе да го почнеме процесот.


Колку време ја подготвувавте претставата и зошто токму во Прага? Какви искуства собравте оттаму?
Во Прага имавме 21 ден да ја подготвиме претставата, што е релативно краток период за еден театарски процес. Започнавме со онлајн читачки проби уште во Скопје, кои ни помогнаа да го научиме текстот побрзо и да дознаеме малку повеќе за ликовите, со цел веднаш да почнеме во простор кога ќе стигнеме таму. Процесот беше во соработка со „Д театар“, културна организација во Прага, па некако логично беше да се одвива таму. Исто така, ние како актери во оваа претстава бевме поддржани од „Калчр мувс јурп“ за да може да се оствари таа мобилност. Инаку, ова искуство за мене беше едно од подрагоцените, најпрво затоа што соработував со колеги од висока класа, со кои веќе многу добро се познаваме, и тоа многу го олесна процесот. Имавме можност да живееме 21 ден во друга држава, каде што имавме можност и време да го истражиме градот, но и напорно да работиме секој ден. Поради нашата посветеност, колективната игра и беспрекорната професионалност и колегијалност дојдовме до многу брз резултат.


Каков е вашиот лик? Лесно ли беше да се одигра и да се доживее животот на еден уличен музичар?
Сите ликови во оваа претстава имаат различни соништа, Тони е лик што не бара премногу, тој сонува да биде самостоен и да има мирен живот. Морам да признаам дека досега не сум интерпретирал лик со кој уште на самиот почеток можев многу лесно да се поврзам, бидејќи околностите во кои се наоѓа тој веќе ми беа познати. Нe би откривал премногу, кој сака да дознае повеќе може да дојде на претставата.
Каква порака носи претставата, какви општествени прашања отвора?
Претставата со причина е сместена во некоја не толку далечна дистописка иднина, во свет не толку различен од нашиот, за да се препознае секој лик, но сепак доволно далечен за да може да се критикува непристрасно. Јасната критика на претставата е насочена кон идеологијата на консумеризмот и поврзување на среќата на индивидуалецот со количеството добра и услуги што ги консумира, евентуално сведувајќи се себеси само на продукт во таа финансиска трансакција. Општествените прашања што ги отвора се директно во корелација на тие два света: нашиов, во кој живееме, и таа не толку далечна иднина. Дали се навистина толку различни? Дали претставата може да се види како предупредување за нашата иднина или веќе сме таму? Колку од тоа што сме веќе е ставено на продажба и подготвено за консумирање?