Македонскиот филм „Силјан“, во режија на Тамара Котевска и во продукција на „Конкордија“, е годинашниот македонски кандидат за наградата „оскар“ за најдобар интернационален филм.
Одлуката ја донесе комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Томи Салковски – претседател на комисијата и продуцент, Лабина Митевска – продуцентка, Даријан Пејовски – режисер, Марија Димитрова – продуцентка, Душан Кардалевски – кинематографер, Марина Колоска – прва асистентка на камера, Иван Ивановски – режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски – тон-мајстор и Горан Игњатовски – автор на филмска маска. Деветчлената комисија ја донесе одлуката едногласно.
Годинава комисијата избираше помеѓу три извонредни македонски филмски остварувања, и тоа: „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, во продукција на „Синема футура“, „Силјан“ на Тамара Котевска во продукција на „Конкордија“ и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар во продукција на „Синепејџ продакшн“.
При својот избор, комисијата, која имаше навистина тешка задача, беше водена од синеастичката вредност на филмските дела, „силината“ на приказната што ја обработува секој од филмовите, нивната наративна, драматуршка и пикторална компонента, како и критичкиот осврт кон актуелната општествена и политичка стварност.
Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонски кандидат за наградата „оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм од самото осамостојување на Македонија, кога од американската Академија за подвижни слики (AMPAS) беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.