Еден од најзначајните проекти за оваа година ќе биде изложбата на претставникот на современата македонска уметничка сцена, Мирослав Масин, која, според нашиот програмски календар, е планирана за мај. Подготовките се започнати со полна пареа, за да можеме навремено да испорачаме проект достоен на авторот, а на големо задоволство на публиката, велат од НГМ

Во годината на одбележување јубилеј – 75 години постоење, Националната галерија на Македонија лани реализираше квалитетна програма на достојно чествување. Низ разни проекти, доминантно ја афирмираше богатата колекција, презентираше врвни мајстори на модерната и современата национална уметност. Оваа година, предизвикот, како што велат оттаму, е да го одржат нивото со понуда што по содржина и разновидност ќе биде подобра од претходната.
Така, во април годинава, во „Чифте-амам“ ќе биде презентирана изложба по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – Приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот. Во соработка со италијанската амбасада, изложбата на Музејот за дизајн АДИ од Милано, пред македонската публика ќе биде претставен дизајнерскиот проект „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“, курирана од Џулио Јакети. Во текот на овој проект од меѓународната соработка ќе се организираат инклузивни работилници во кои ќе бидат вклучени ученици на возраст од пет до 18 години. Инспирирани од приказната за Пинокио, учесниците ќе имаат ретка можност да изработуваат кукли во текот на март, со завршна изложба во април. Едукаторка во проектот е Маја Димитрова.

– Нашата општествено одговорна мисија традиционално ја продолжуваме со едукативни проекти за издигнување на свеста за сеопшто вклучување лица со аутистичен спектар на нарушувања, надминување на тешкотиите во создавањето и одржувањето на врските, задржување на работата и извршувањето на секојдневните задачи – вели Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија.
Во мај, во „Чифте-амам“ ќе биде поставена ретроспективна изложба на Драган Верговски-Алпи, автор што досега немал пообемно претставување на своето творештво на овие простори.
– Ретки се неговите самостојни изложби (реализирани минатиот век) и редовни се неговите излагања на групни изложби, ова е од причини што целото свое животно и професионално искуство го посветил на реставрација и конзервација на нашето национално како движно така и недвижно уметничко богатство. Неговото творештво е од опсегот на фигуративно сликарство, пејзаж и апстракција каде што е воочлива неговата професионална посветеност – конзервација и реставрација во имплементирањето на историјата и традицијата од ова поднебје во неговото творештво – вели кураторот на поставката, Горанчо Ѓорѓиевски.
Ова продлабочено и аналитичко претставување на неговото творештво пред македонска публика ќе расветли уште еден сегмент значаен за македонската ликовна уметност од минатиот век и ќе овозможи поцелосен увид во мозаикот на модерното и современо творештво во нашата земја.
Исто така, во мај, во „Даутпашиниот амам“ се подготвува уште една самостојна изложба, на Мирослав Масин, а кураторка на поставката е Маја Чанкуловска Михајловска

– Еден од најзначајните проекти за оваа година ќе биде изложбата на претставникот на современата македонска уметничка сцена, Мирослав Масин, која, според нашиот програмски календар, е планирана за мај. Подготовките се започнати со полна пареа, за да можеме навремено да испорачаме проект достоен на авторот, а на големо задоволство на публиката – велат од НГМ.
Во „Мала станица“, во мај ќе биде претставен и „Бостание“, документарно-акциски еколошки проект.
– Вклученоста на уметниците во проектите што се посветени на зачувување, заштита и подобрување на животната средина и природата воопшто, се многу важни. Тие, со своите невообичаени патишта на движење и создавање дела, често им отвораат на луѓето нови погледи на реалноста во која живеат. На свој начин (уметнички) им укажуваат на процеси што се случуваат околу нив и покажуваат дека постојат и други можности за совладување на секојдневните егзистенцијални борби надвор од вообичаените – велат од Националната галерија.
„Зелената арка“ е граѓанска организација основана во 2007 година и од почетокот дејствува во согласност со принципите на пермакултурниот дизајн, за да изнаоѓа применливи начини за ублажување и приспособување на тековните климатски, општествени и економски предизвици.
– Урбаното градинарство, кое зема сѐ поголем замав во градовите низ светот има цел дружење и зближување на граѓаните преку претворање на јавните површини во градини, односно во оази за производство на здрава храна преку споделување на искуствата и одговорностите – вели кураторката Александра Зиновски Вилиќ
Во „Мала станица“, за мај е закажан и традиционалниот 15. Младински пролетен салон. „Мал формат“ е годинашната тема на 15. Младински пролетен салон. На пролетниот салон можат да учествуваат ученици од средното образование и студенти од факултетите за визуелни уметности и дизајн. Најдобрите, според жирито, ќе добијат дипломи, награди и признанија за својот труд и креативност. Отворањето е планирано за 23 мај. В.Д.