„Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Maкедоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или-или“), „Три Марии: (роман – басма)“ од Оливера Ќорвезироска („Арс либрис“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“) се романите што се најдоа во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ за 2025 година.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав: Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), која притоа констатира дека годинава конкуренцијата меѓу објавените романи е многу изедначена, што го покажува и фактот дека во најтесен избор влегоа дури шест романи (веројатно најмногу во историјата на „Романот на годината“).
Жири-комисијата ќе го соопшти името на добитникот на годинашната награда на прес-конференција што ќе се одржи в петок, на 13 март, со почеток во 13 часот, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.
Наградата што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Нејзин генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а таа е поддржана и од Министерството за култура и туризам.
Годинава наградата ќе се додели по 27. пат, а минатата година ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или-или“.
Според најавите, годинава свеченото врачување на наградата „Роман на годината“ ќе се одржи на средината на мај.
































