Шест филма од современата италијанска продукција во Кинотеката

ПОЧНУВА НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ФИЛМ „ПРОМЕНИ“

Во Кинотеката на Македонија во Скопје од 13 до 18 мај ќе се одржи XXIV издание на Неделата на италијанскиот филм.
Веќе добропознатиот фестивал ќе понуди избор од шест филма што ја претставуваат современата италијанска кинематографска продукција – впрочем, сите филмови се издадени во 2023 година и се добитници на голем број престижни национални и меѓународни награди, а вториот елемент што ги обединува е темата „Промени“, во смисла на непредвидени ситуации, неочекувани врски, лични избори, историски и општествени преобразби и уметнички доживувања.
– Отворањето на фестивалот ќе се одржи денеска, со извонредното филмско достигнување „И утре е ден“, во сценарио и режија на Паола Кортелези, која ја толкува и главната улога во своето режисерско деби. Филмот, покрај тоа што забележа рекордна заработка во италијанските киносали во 2023 година, беше високо оценет не само во Италија туку и во странство за неговата режија и извонредната глума на актерската екипа, но и поради длабочината на прашањата што ги третира, а кои се однесуваат на патријархалната култура, родовото насилство и правата на жените. Сведок за уметничката и културната вредност на „И утре е ден“ е и неговиот триумф на фестивалот на Италијанската филмска академија, каде што освои шест награди „Давид ди Донатело“, едно од најпрестижните италијански филмски признанија, три награди на 18-то издание на Римскиот филмски фестивал, како и награда за филм на годината на фестивалот „Сребрени ленти“ во 2024 година – информираат од италијанската амбасада.

Во вторник ќе биде прикажан „Командант“ – делото што го отвори 80-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција – во режија на Едоардо де Анџелис. Филмот ја оживува на големото платно вистинската приказна на Салваторе Тодаро, легендарен херој од Втората светска војна, кој во 1940 година бил командант на подморницата „Капелини“ на италијанската кралска морнарица, фантастично реконструирана токму за снимањето на овој филм, во секој нејзин детаљ и во природна големина. Станува збор за прекрасен блокбастер „мејд ин Итали“, со огромна емотивна моќ, што ни предочува дека морепловниот закон преовладува над која било војна. Филмот, чиј протагонист го глуми извонредниот Пјерфранческо Фавино, предизвика позитивни реакции кај јавноста и критичарите.
В среда фестивалот ќе продолжи со „Грабнатиот“, најновиот филм на Марко Белокио, познатиот режисер добитник на „златна палма“ за животно дело во 2022 година и на седум статуетки „Давид ди Донатело“, кој црпи инспирација од книгата „Случајот Мортара“ на Даниеле Скализе. Играниот филм ја раскажува вистинската приказна за Едгардо Мортара, дете со еврејско потекло што било крстено во тајност, а во 1858 година било одземено од неговото семејство за да биде воспитано во духот на католичката вера, под контрола и старателство на папата Пио IX, што предизвикало интерес и од страна на меѓународната заедница. Преку овој потресен и трогателен настан и внимателната реконструкција на епохата во која се одвива дејството, „Грабнатиот“ се развива во фасцинантна приказна за предвечерието на националното обединување на Италија, кога моќта на црквата е во опаѓање.
В четврток на програмата е „Благодарам, момци“, во режија на Рикардо Милани, режисер на некои од најуспешните комедии издадени во последните години во Италија. Со овој филм нурнуваме во животот на Антонио, актер што е во потрага по целта, толкуван од незаборавниот Антонио Албанезе и поддржан од екипа на исклучителни актери. Приказна за надежта, која гледа подалеку од неповолните околности, за искупувањето и, пред сè, за јунаците што имаат храброст да веруваат во трансформативната моќ на уметноста.

На 17 мај ќе биде прикажан „Нелагодна љубов“, во режија на Бепе Фјорело, во неговото филмско и режисерско деби. Филмот е слободно инспириран од вистински настан, кој се случил на Сицилија во 1980 година: наводно самоубиство на двајца тинејџери. Режисерот нè носи во Сицилија неколку години подоцна, во 1982 година. Додека на телевизија се пренесува Светското првенство во фудбал и Италијанците се надеваат дека ќе го освојат првото место, двајцата протагонисти случајно ќе се судрат со нивните скутери, а несреќата ќе стане повод за да станат пријатели, а можеби и нешто повеќе.
В сабота оваа филмска ревија ќе се затвори со проекцијата на „Сто недели“, во режија на Антонио Албанезе, наедно и главна улога во филмот, кој на деликатен и емотивно умешен начин ја раскажува приказната за неправдата што ќе погоди многу Италијанци мали штедачи, кои, како и главниот лик, ќе бидат предадени од алчноста на банкарскиот систем. Сепак, филмот ја истакнува не само социјалната драма туку и силата на семејните врски и пријателството.
Сите филмови се со превод на македонски и англиски јазик, а влезот е бесплатен.
Проекциите се со почеток од 20 часот. Неделата на италијанскиот филм, организирана од италијанската амбасада, во соработка со Институтот за култура во Белград и Кинотеката на Македонија, годинава се реализира благодарение и на проектот „Италијан скринс“, промовиран од Генералната дирекција за филм и аудиовизуелни уметности на Министерството за култура на Италија, од италијанското министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, во соработка со Филмската академија на Италија и со организациската поддршка на Чинечита. С.Ј.