Во пресрет на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“
На 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ лауреат на „специјална камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е турскиот филмски режисер Семих Капланоглу.
– Капланоглу е еден од најуспешните и највлијателни режисери во турската кинематографија, кој има добиено 28 меѓународни награди и 10 номинации низ целиот свет. Дебитираше во 2001 година со „Далеку од дома“, за кој ја добива наградата за најдобар режисер на „Сингапурскиот филмски фестивал“. Во 2005 година, неговиот втор игран филм „Падот на ангелот“, имаше светска премиера на „Берлинале форум“ и доби награда за најдобар филм во Нант, а неговиот трет игран филм „Јајце“, кој премиерно беше прикажан во 2007 година на „Канскиот филмски фестивал“ доби 30 награди. Овој филм беше првиот дел од „Трилогијата Јусуф“ што го направи Семих Капланоглу светски познат како режисер. Во 2008 година, филмот „Млеко“ премиерно беше прикажан во официјалната конкуренција на „Венецискиот филмски фестивал“, а потоа и на низа други фестивали низ светот и му донесе повеќе меѓународни награди, вклучувајќи ја и наградата на ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Истанбул. За „Мед“, третиот дел од „Трилогијата Јусуф“, добива „златна мечка“ на 60. издание на фестивалот во Берлин – соопшти директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Тој потенцираше дека ни претстои едно возбудливо, квалитетно и богато фестивалско издание.
– Остануваат официјалната програма „Камера 300“ со која ќе се отвори фестивалот на 20 септември во Битола, кратката програма, документарната програма, студентската програма, а годинава се враќа и макпоинт-програмата во која ќе се прикажуваат филмови од македонската продукција. Досега се најавени голем број гости од земјава и од странство, врвни уметници, филмски автори, кои ќе ја збогатат програмата и ќе учествуваат директно во филмските работилници, мастеркласовите и придружната програма на фестивалот – рече Доксевски.
Селекторот на главната компетиција, Слаѓан Пенев, информираше дека со македонски филмови ќе се отвори и ќе се затвори фестивалот.
– Во главната програма ќе прикажеме филмови од фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Торонто, Локарно итн. Сакам да најавам два македонски филма што ќе бидат прикажани во главната програма „Камера 300“. Филмот на Теона Митевска „Мајка“ ќе го отвори годинашното 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, каде што директорка на фотографија е долгогодишната соработничка на Теона Митевска, Виржини Сент-Мартан од Белгија. Сент-Мартан досега со свои филмови учествувала на неколку изданија во главната програма на ИФФК „Браќа Манаки“ двапати има освоено „сребрена камера 300“. Ќе го откријам и филмот со кој ќе биде затворен фестивалот, а тоа е македонскиот филм „Диџеј Ахмет“, кој досега веќе постигна голем успех на светските фестивали и доби две награди на фестивалот „Санденс“- информираше Пенев.