Гоце Цветановски, режисер на „Јон Вардар против галаксијата“

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ е селектиран на еден од водечките фестивали за независен филм во светот – БАФИЦИ во Буенос Аирес. Филмот ќе биде прикажан трипати пред фестивалската публика, а последната проекција ќе биде вечерва.
– Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на „Јон Вардар против галаксијата“ е далеку од тоа да биде само географски куриозитет. Оваа визуелна лудорија – со своите интергалактички авантури што личат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со рокерска дрскост и заразна комичност. Филмот е како црна дупка што го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде што секое чудовиште е повик на бегство од нормалното и прослава на лудото и необичното – напиша Мануел Рамирез, познатиот аргентински филмски критичар, кој е еден од програмерите на фестивалот и работи за угледниот дневен весник „Пагина 12“.
Режисерот на филмот, Гоце Цветановски, за фестивалот рече дека многу го почитува поради неговата храброст да прикаже филмови што излегуваат од шаблоните.
– За нас, оваа селекција е како да сме испратиле балкански вселенски брод во срцето на Буенос Аирес. Горди сме што филмот ќе има можност да се сретне со една отворена и љубопитна публика каква што е аргентинската – вели Цветановски.
Фестивалот БАФИЦИ се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка. Годинава ќе се одржи по 26-ти пат. Фестивалот е познат по својата поддршка на авторскиот филм и по отворањето нови хоризонти за независни продукции од целиот свет.
„Јон Вардар против галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм.