Луѓето треба да знаат за мајчиниот јазик, како што треба да знаат за својата мајка (или татко), тие секако треба да знаат и за сродните, односно другите словенски јазици, како што некако природно доаѓа да ги познаваат или да знаат нешто за своите роднини, вели Ниами
Емил Ниами, доктор на филолошки науки
Книгата „Вовед во славистика“ на Емил Ниами е прва ваква книга во нашата земја што се занимава со историјата на словенските јазици. Во неа е даден краток историски осврт на славистиката како наука, по што се дава и кратка историја на Словените. Фокусот на книгата е ставен на описот на сите словенски јазици, како на живите, така и на мртвите, и тоа е направено на еден современ начин, со многу полезни детали што се важни во современоста. Во книгата исто така има и дел што се занимава со обидите за создавање сесловенски јазик од минатото до денешен ден.
За какво дело станува збор?
– Книгата „Вовед во славистика“ иако беше планирано да го види светлото на денот одамна, но поради ред објективни и лични причини се појавува многу подоцна од предвиденото. Таа е, всушност, прв дел од една подолга едиција којашто ќе се занимава со различни аспекти на славистиката. Оваа книга нема за цел некакво особено научно достигнување, ами е напишана пред сѐ како извесен уводник за секој што сака да ги дознае основните работи за словенските јазици, литератури и култури и нивната историја. Книгава исто така е и извесна база за оние што сакаат да се занимаваат со некој словенски јазик или со некоја словенска литература, со оглед на тоа што со нејзиното читање ќе добијат основна претстава за словенскиот свет, врз основа на што ќе можат понатаму да ги продолжат своите истражувања.
Како се наметна идејата да обработите една ваква книга, која ја проучува историјата на словенските јазици?
– Идејата е, како што реков, многу стара. Датира уште од времето кога бев на првата година на факултет и кога не постоеше учебно помагало за предметот Вовед во славистиката, па моравме да користиме литература на српски, на полски, на германски јазик, иако не ги знаевме, но моравме да се снајдеме некако. Уште тогаш не ми беше право што немаме барем некаква свеска за словенските јазици, барем некакви систематизирани информации. Со текот на годините во мене растеше оваа идеја. Секако, книгата можеше, а можеби и требаше, да биде пообемна, со повеќе информации, анализи, но тогаш немаше да биде наменета за пошироката публика, ами исклучиво за оние што се интересираат за овие прашања на студиско или на научно рамниште.
Што сѐ ви беше важно да опфатите во вашето ново дело „Вовед во славистика“? Какви сегменти од историјата на Словените и словенските јазици овозможивте да бидат достапни до секој љубопитен читател?
– Знам дека не сакав да се занимавам со „сурова“ историја на јазиците, ами сакав да ги претставам како комплементарен дел од животот. Словенската филологија сама по себе би функционирала само на едно рамниште, каде што би се движела помеѓу чистојазичните прашања на словенските јазици и, евентуално, словенските литератури. За да се добие комплетна слика за кој било дел од славистиката освен јазикот и литературата, треба да се земат предвид и други науки, како што се историјата, археологијата, етнологијата, фолклористиката, етнологијата, филозофијата, антропологијата, правото итн. Ова практично доведува до констатацијата дека славистиката не е често филолошка наука, зашто таа не би можела да се сведе дури ни на тоа без мултидисциплинарен и интердисциплинарен пристап.
Не ја наменивте само на потесната стручна публика, туку за сите оние што сакаат да прочитаат и да дознаат нешто плус… Што ве поттикна да направите еден општ осврт разбирлив за секого?
– Одамна сметам дека материјата со којашто се занимава која било наука треба да биде достапна и за пошироката публика, со што би се отворил оној „мистериозен круг“ за секого, за секој што сака да знае, да дознава, да се информира. Токму по промоцијата со една моја колешка дискутиравме на оваа тема и се согласивме дека ние како научници и истражувачи можеме лесно да дојдеме до материјата за којашто сме заинтересирани, да добиеме информации, со оглед на тоа што сме длабоко инволвирани во овие кругови, но пошироката јавност ја нема таа можност и затоа останува празнина во нејзините знаења. Секако, денес на интернет можат да се најдат огромен број податоци, но голем дел од нив има сомнително потекло, а исто така и не се систематизирани во една тема, така што читателите би требало да поминат многу време сурфајќи по глобалната мрежа и повторно да добијат делумна информација.
Зошто оваа книга ни е важна во современоста?
– Секој историски преглед е важен не само за современоста ами пред сѐ за иднината. Луѓето треба да знаат за мајчиниот јазик, како што треба да знаат за својата мајка (или татко), тие секако треба да знаат и за сродните, односно другите словенски јазици, како што некако природно доаѓа да ги познаваат или да знаат нешто за своите роднини. И сето ова не е само поседување информација, ами преглед на искуствата низ коишто поминале словенските јазици низ историјата, за да знаеме како треба да се однесуваме во иднината. За да го знаеме, на пример, македонскиот јазик од иднината, треба да знаеме како се развивал тој, од каде потекнува некој збор, како настанал и зошто. Секако, ова се мошне стручни прашања кои, можеби, не ја интересираат пошироката публика, па затоа оваа книга им овозможува да се запознаат со најважните нешта на начин достапен за нив.