Културно-информативниот центар – Скопје ја отвора изложбата на скулптури од Синиша Новески, насловена „Фамилија“, денеска во 19 часот. Новески е интимист, стилски определен за традицијата и за модернизмот. Преокупиран е со хармонијата на компактниот волумен, како и со предизвиците на времето што значи притаен немир на животното пулсирање, а едновремено и со создавање уметничка проекција на една контемплативна голема благост во изразот.
– Синиша Новески во разни тематски и стилски варијанти го негува фамилијарниот култ на човекот низ сензибилната претстава на телото и поттиците на внатрешниот живот. Едноставноста, рамнотежата и чистата пластичност на скулптурите и во цртежите оставаат простор и за проширено толкување на неговите дела. Тоа се значајни квалитети во ова крајно вознемирено време, време полно со страв и неизвесност, време во кое секоја искра на човечност и позитивна проекција на складност и надеж во ликовниот израз дејствува благотворно и за уметноста што ја изгуби аурата на емотивност и остана во просторот на својата површна провокативност. Материјалот и чувствата во делата на Новески се неодвоиви компоненти, во кои е содржана човечката искра на благост и на блискост, но и на отуѓеност, искажани со една непосредност или „изворна едноставност“. Во нив се препознава неисцрпната убавина на минатото – добра основа за наредните творечки истражувања и дела на уметникот – вели Владимир Величковски.
Синиша Новески (1978 г.) е академски скулптор и искусен педагог. Има повеќе од 20 скулптури изложени во јавни простори во Македонија, Србија, Бугарија и САД. Изложувал на 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, како и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија во Србија, во кое бил член на Управниот одбор од 2014 до 2022 г. Учествувал во повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми и освоил исто толку награди како за сопствено уметничко творештво, така и за менторско-педагошко работење со студенти.