Еден од долгогодишните уметнички настани за изработка на монументална скулптура во Босна и Херцеговина, скулпторскиот симпозиум „Острожац“ во организација на „Центарот за култура и туризам“, ги отвори вратите за годинешните учесници и посетители.
Симпозиумот трае до 9 јуни. Покана за учество на ова јубилејно издание на симпозиумот „Острожац 2022“ добија истакнатите босански скулптори и професори на Академијата за ликовни уметности во Сараево, Самир Суќеска и Дарко Шобот, академскиот скулптор Адис Фејзиќ од БиХ, со живеалиште во Австралија и Сашо Саздовски, академски скулптор од Северна Македонија. На симпозиумот како придружба се четворица студенти од Португалија, кои моментално се на студентска размена во Босна и Херцеговина.
– Оваа година е многу важна бидејќи се прославува јубилејот од 55 години постоење на симпозиумот така што програмата ќе биде збогатена со повеќе културни содржини во Паркот на скулптурите во Стариот Град, Тврдината Острожац, како и изложба на дела на истакнатиот босански уметник Нурија Љубијанкиќ, еден од основачите на симпозиумот, кој од неодамна е починат. На некој начин, годинашниот симпозиум е омаж на делото и достигнувањата на овој цазински уметник. Изложбата е наречена „Цазин во делата на Нурија Љубијанкиќ“, која специјално ќе биде најавена пред официјалното свечено отворање на симпозиумот – информира Саздовски.
Во рамките на програмата ќе се реализираат работилници за деца од предучилишна возраст, на кои ќе се демонстрира изработка на скулптури со материјали приспособени на нивната возраст, а моделирани по скулптурите на годинашните учесници.
Академскиот скулптор Сашо Саздовски е првиот и единствен македонски скулптор чие монументално дело ќе биде дел од богатата колекција на скулптури во дворецот Острожец, Стариот Град во Босна и Херцеговина.
Делата на Сашо Саздовски се веќе дел од колекцијата на многу реномирани светски музеи, галерии и јавни простори во и надвор од границите на Македонија. Како најзначајни се издвојуваат неговите монументални скулптури поставени во Музејот на Марк Ротко во Даугавпилс, Летонија, музејот „Оскар Кокошка“ во Похларн, музејот на современата уметност АКАМ во Абу Даби, ОАЕ, Паркот на скулптурите во Баку, Азербејџан, Јавниот парк во Сохар, Оман, скулптурата во метал во Хасенкамп, Аргентина, Општината во Проштејов, Чешка Република, Општината во Торж Ведраш, Португалија, Паркот на скулптурите во Есен, Германија, Нови Сад, Србија, Даниловград, Црна Гора, Бад Шлема во Германија, Хотелскиот комплекс, Паркот на скулптурите во Доха, Катар, Најголемиот парк на скулптурите во градот Порторож во Словенија, Маколе, Словенија, Монументалната скулптура во градот Верњако, Удине, Италија, Две скулптури откупени од страна на Собранието на Општина А-Дош-Куњадош во Португалија, националниот музеј „Дворец Балчик“ во Бугарија, како и дел од приватни колекции во ОАЕ, Русија, Франција, Белгија, Германија, Австрија, Словенија, Турција, Данска, Америка и во Македонија.