Сакам да го поттикнам зголемувањето на дијапазонот на ликови што женските актери во Македонија можат и треба да ги играат, вели режисерката Ангела Димеска
Ангела Димеска, режисерка
„Кутии“ е краток игран филм што следи еден ден од животот на Лидија (Даниела Ивановска), жена што сакајќи да ги подобри егзистенцијалниот статус на своето семејство и здравствената состојба на својата ќерка станува дел од нелегалниот бизнис со дрога на нејзината пријателка Марија (Билјана Јовановска). Филмот е на режисерката и сценаристка Ангела Димеска. Кинематографер е Дејан Димески, костимографка на филмот е Емилија Ивановска Атанасовска, сценограф е Влатко Зафирковски, монтажер е Владимир Митревски, а продуцент Огнен Антов.
– Како главни теми во филмот се појавуваат љубовта кон блиските и лојалноста кон пријателите, како и последиците што можат да произлезат од инволвираноста во нелегалните активности. Преку создавањето на ликовите во „Кутии“ сакав да претставам женски карактери што се малку поразлични од стереотипите што сме навикнати да ги гледаме во нашите филмови. Растејќи со македонските филмови, секогаш ми било тешко да се идентификувам или да ги препознаам доблестите и маните на женските ликови, можеби поради нивната површност или поради фактот што повеќето биле доловени од машка перспектива. Со создавањето на ликовите на Лидија и Марија, кои во себе имаат истовремено и добри и лоши карактерни особини и не можат едноставно да се вметнат во некој постоен шаблон, сакам да го поттикнам зголемувањето на дијапазонот на ликови што женските актери во Македонија можат и треба да ги играат – вели режисерката.
Ангела Димеска е режисерка од младата генерација македонски режисери, чиј опус вклучува неколку кратки играни филмови и телевизиски проекти. Нејзиниот дебитантски краток игран филм „Перики“ е прикажуван и наградуван на десетина престижни филмски фестивали. Во новиот филм главни ликови се две жени.
– Станува збор за две пријателки, чии различни животни патишта ги имаат доведено да работат во истата нелегална професија. Двете имаат навлезено во оваа работа поради своето семејство, Лидија бидејќи сака да им помогне на своите, а Марија бидејќи не сака да ја разочара својата мајка, Жаки – вели Ангела Димеска.
Улогите ги играат: Даниела Ивановска (Лидија), Билјана Јовановска (Марија) Жаклина Стевковска (Жаки), Филип Трајковиќ (Никола) и Софија Јанчовска (Срна) и Димитрија Доксевски (Зоки).
– Не беше тешко да се совпаднат актерите со своите улоги бидејќи сите беа отворени за работа и благодарение на пробите и разговорите што ги имавме во процесот на претпродукција успеавме да им дадеме живот на карактерите што јас ги имав замислено – дополнува режисерката на филмот.
„Кутии“ во моментов е во фаза на постпродукција.
– Се надевам дека во наредните месеци ќе биде готов и ќе ја има својата домашна и странска премиера. Кога станува збор за фестивалскиот пласман, се надевам дека ќе успее да се пласира на повеќе фестивали во регионот и пошироко. Со филмот „Перики“ имав добро искуство на фестивалите, особено на оние во регионот. Филмот имаше премиера во Србија, Хрватска и во Бугарија. Се надевам дека и со „Кутии“ искуството ќе биде слично – истакнува режисерката Димеска.
Таа се потпишува и како режисерка и како сценаристка на нејзините филмови.
– Се чувствувам најудобно кога режирам бидејќи во таа област и го имам завршено своето образование. Иако јас сум сценаристка на моите кратки филмови, „Перики“ и „Кутии“, пишувањето е процес што ми претставува поголем предизвик. Токму затоа во иднина повеќе би сакала да соработувам со сценаристи со кои заедно би можеле да ги развиваме нашите идеи – посочува таа.
Периодов е посветена на развивање на трет краток филм, на кој ќе се потпише само како режисерка.
– Истовремено, би сакала што поскоро да можам да се фокусирам и на создавањето на мојот прв долгометражен филм. Освен работата на мојата лична кариера, главните аспирации ми се активно да работам во филмскиот бизнис и да придонесам кон неговото развивање во Македонија на малку понапредно ниво. Би било идеално ако можеме да создадеме работна атмосфера во која младите автори би можеле константно да работат, да учат од постарите и да бидат ангажирани во повеќе проекти, бидејќи една авторка или автор може да напредуваат само преку работа и константно создавање – истакнува Димеска.