„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Русинката“ на познатиот романски писател од 20 век – Џиб Михаеску, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова. „Русинката“ е ремек-дело на еден од најголемите романски класици Џиб Михаеску.
„Русинката“ е еден од најдобрите воени романи иако во него нема борбени дејства, но има романтичен порив спрема жената во кој е одразена и трагичната реалност на последиците од револуцијата, дури и кога таа се случила на другата страна на реката.
Талентиран хроничар на своето време, низ перипетиите на бегалците и активностите на безбедносните сили, Михаеску во „Русинката“ создал воен роман во форма на модерна бајка. Во него силно се манифестира естетиката на романскиот модернизам, со метаморфозата на реката што ја доживува нараторот, интензивните еротски сцени пренесени многу емотивно натуралистичките сцени на човечкото страдање, како и психолошките размисли и дијалози.
Џиб Михаеску (1894 – 1935), чие вистинско име е Георге И. Михаеску, е романски прозаист и драматург, еден од најголемите во романската литература во првата половина на 20 век. „Русинката“ е второ дело на Михаеску преведено на македонски јазик, по романот „Дона Алба“, исто така во издание на „Македоника литера“ (2022).