Сликовницата „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, ќе биде промовирана утре во 18 часот, пред книжарницата „Литература.мк“ во Струмица. Промотор на книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска, а специјален гостин ќе биде фолклористот Иван Котев. Со овој настан го одбележуваме Светскиот ден на книгите за деца.
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведувани современи македонски поети во светот. Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од Иван Котев. Во неа Маџиров еднакво е и поет и раскажувач. Приказната во книгата е поврзана со настанување на градот Струмица.
Формата „приказна во приказна“ во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедо му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук. Читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои исто така се на две нивоа: едното е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерно), другото – во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорно). Посебноста на оваа сликовница е во тоа што на крајот сè се поврзува со сè. Минатото со сегашноста, традицијата со совремието, приказните со поезијата, народното творештво со авторскиот израз. Детето што ја слуша приказната се идентификува со детето со рогот од приказната; дедото што раскажува, всушност, е детето со рогот и на внукот (и на читателите) им раскажува за себе. Личните поврзувања ѝ даваат особена лиричност на оваа сликовница мека како облак, нежна како снегулка.
Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено десетина книги на македонски јазик, вклучувајќи и избори поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Како преведувач се јавува на петнаесетина книги поезија, раскази и романи. Неговата поезија е преведена на четириесет јазици во над педесет земји и објавувана во антологии и списанија во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка и Австралија.