ОРКЕСТАРОТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА ГО СЛАВИ 79. РОДЕНДЕН

Роденденски концерт насловен „Вдахновение“, со кој оркестарот на Филхармонијата ќе одбележи 79 години постоење, ќе се одржи вечерва, во 20 часот. Концертот ќе го води диригентот Конрад ван Алфен од Холандија, а како солисти ќе настапат виолинистот Даниел Роланд од Англија и Маја Богдановиќ (виолончело) од Србија. На програмата се Концертот за виолина и виолончело во А-мол, оп. 102 од Јоханес Брамс и Симфонијата бр. 2 во Е-мол, оп. 2 од Сергеј Рахманинов.
Оркестарот на Филхармонијата е формиран на 24 ноември 1944, само 11 дена по ослободувањето на Скопје, во домот на композиторот Тодор Скаловски, на улицата Крушовска 27. Оваа институција, која го афирмира симфониското музичко творештво, преку своите редовни концерти постојано ја развива и ја промовира класичната музика, приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање на публика од различни генерации.
Виолинистот Даниел Роланд е еден од водечките на светската музичка сцена. За него велат дека „звучи како ниту еден друг виолинист и дека креира специфичен звук на инструментот на кој свири“ (Шарлот Гарднер, „Грамофон“), дека поседува „гламурозен тон“ (Ричард Бретби, „Грамофон“), „фасцинантен тон во кој има деликатни финеси“ (Тим Ешли, „Гардијан“)… Роланд се етаблира на светската музичка сцена со различен репертоар. Изведува музика од Бетовен, Брамс, Елгар, Корнголд, Прокофјев, Шнитке, а соработува со водечки диригенти и солисти. Изведува и современа музика – концертите на Вакск, Линдберг, Глас, Саариаго и Ван дер Аа. Роланд е и пасиониран камерен музичар, настапувал со Ајви Гитлис, Николас Даниел, Ана Федорова, Нино Гветадзе, Мајкл Колинс, Елвис Костело… Тој бил член и на квартетот „Бродски“, еден од водечките камерни состави во светот. Освен што редовно настапува на светските музички сцени, Роланд работи и како професор на Кралскиот колеџ во Лондон. Роден е во Лондон, а со часови по виолина започнал кога неговите родители се преселиле во Холандија. Студирал со Јан Репко, Давина ван Вели, Херман Креберс, Виктор Либерман и со Игор Ојстрах. Добитник е на првата награда на натпреварот „Оскар Бак“ во Концертгебау во Амстердам и на Брамсовата награда во Баден Баден.
Српската виолончелистка Маја Богдановиќ е меѓу најдобрите виолончелисти на денешнината. Како солистка настапила со швајцарскиот оркестар „Тонхале“, со Берлинскиот симфониски оркестар во салата на Берлинската филхармонија, со Токиската филхармонија, со Државниот оркестар од Бремерхавен, со Словенечката, Белградската и Македонската филхармонија, со Камерниот оркестар на Минхен, со оркестарот „Св. Бартоломео“ од Лондон и со многу други. Има неколку музички изданија зад себе, а најновото е со виолинистот Даниел Роланд, кое вклучува светска изведба на дела од Пендерецки, Васкс, Солима и од Нисимен. Критичарите го опишаа ова издание како „волшебна средба меѓу челото и виолината“. Иако има широк репертоар, Маја Богдановиќ во својата програма издвојува посебно место за современата музика, а премиерно извела дела од Софија Губадулина, Кшиштоф Пендерецки, Филип Сојерс, Бенџамин Јусупов и др. Исто така, таа свири на инструмент изработен за неа од францускиот мајстор Франк Раватин.

Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност, и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам. Скорашните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Исто така, тој е гостин диригент и со оркестрите на добропознатите културни центри во Новосибирск и во Санкт Петербург. Во изминатите години голем број оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во Холандија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и во Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Голем број солисти уживале во неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот национален оркестар и со солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година, во Преторија. По завршувањето на своите музички студии, на 26-годишна возраст тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радиосимфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање, под раководство на Ери Клас и Роберто Бензи. В.Д.