Ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – ретроспектива“ со дела од македонскиот уметник Симон Узуновски ќе биде отворена утревечер, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје.
Тим од петмина историчари на уметноста: Марика Бочварова Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото дејствување уште од 70-тите години ќе го претстават творештво на еден од пионерите на уметничките партиципативни инсталации во Македонија. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец, а во подготовките свој придонес дадоа и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
– Ретроспективната изложба на Узуновски има за цел не само историографски-ретроспективно да го презентира неговото творештво туку и теоретски да ја осветли неговата исклучителна појава. Фокусот на изложбата, сепак, е насочен на најзначајниот за него период на седумдесеттите години на 20 век, период кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, навлегуваат алтернативните уметнички практики. Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина. Со своето уметничко дејствување, Узуновски отвори еден сосема инаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини – велат кураторите на оваа поставка.
Во поставката ќе бидат изложени повеќе од стотина дела, кои вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Симон Узуновски. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвира широк круг пријатели, колеги, познаници и публика во создавањето или изведбата на повеќе негови дела ќе бидат претставени со обемна фотодокументација, која истовремено ќе го прикаже и времето на 70-тите години и ентузијазмот и енергијата со кои Узуновски успеваше заразно да ја шири идејата за демократизацијата на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.
Узуновски беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години работеше и живееше на италијанскиот остров Капри.
Изложбата во МСУ ќе биде отворена до 25 октомври.