Кинотеката на Македонија ја објави месечната програма за април, која носи многу возбудливи филмски наслови. Форман бил круцијален протагонист на „новиот бран“ со неговите рани дела, во кои мајсторски ги спојува документарното и играното, создавајќи посебен сензибилитет. Роден во 1932 година, во гратчето Часлав, како Јан Томас Форман, ги изгубил родителите Ана и Рудолф во нацистичките концентрациони логори Аушвиц и Бухенвалд бидејќи имале еврејско потекло. Во средината на 1950-тите години, Милош Форман студира сценарио на прочуената филмска школа ФАМУ, каде што дипломира во 1957, а потоа си го пробива патот во чешката кинематографија, работејќи на разни позиции.

Кинотеката ќе прикаже поголем дел од неговата филмографија и тој избор ги опфаќа неговите луцидни пионерски чекори во среднометражниот „Конкурс“ (1964), потоа „Црн Петар“ (1964), „Вљубената русокоса“ (1965) и „Гори, моја госпоѓице“ (1967), неговиот последен чехословачки наслов пред заминувањето во САД. Наградите и признанијата што ги добива Форман за овие дела само ја отсликуваат свежината што чехословачката и европската кинематографија ја добија со тој „нов бран“, па не чуди што на двапати го освојуваат „оскарот“ за најдобар странски филм – Јан Кадар и Елмар Клос со „Продавницата на корзото“ (1965) и Јиржи Менцл со „Строго контролирани возови“ (1967), а Форман бил номиниран за оваа награда во 1966 со „Вљубената русокоса“.

– Пролетта не е годишно доба, туку состојба на Формановиот филмски ум, што ќе го пренесе во американските филмови и во европските копродукции. Форман ќе го освои првиот од двата „оскара“ во неговата кариера со „Лет над кукавичиното гнездо“ во 1976, по кој следуваат „Коса“ (1979), „Амадеус“ (1984) и вториот „оскар“, „Народот против Лари Флинт“ (1996), и последниот игран наслов, „Духовите на Гоја“ (2006). Форман почина во 2018 г., во гратчето Денбери, Конектикат, САД, а следната година е промовиран чешкиот документарец „Форман против Форман“, кој ќе можеме да го видиме во оваа ретроспектива на големиот мајстор на филмот – велат од Кинотеката.
Априлската програма содржи и неколку филмски „деликатеси“ – филмови што ќе можеме да ги гледаме на 35 мм лента. Почнува со „Трејнспотинг“ од 1996 година на Дени Бојл, продолжува со „Малер“ на Кен Расел од 1974, па веќе споменатиот „Народот против Лари Флинт“ на Форман и „Чудесната судбина на Амели Пулен“ на Жан-Пјер Жене од 2001 година.
Со проекцијата на филмот „Јад“ на Кирил Ценевски од 1975 година, Кинотеката потсетува на неодамна починатиот актер Танасие Узуновиќ, а го утврдува „оскаровското“ градиво со проекција на годинешниот победник „Сѐ во исто време“. На априлскиот распоред, меѓу другите филмови е и норвешкиот анимиран филм „Баш супер“ од најновата продукција, како и новата хрватско-македонска копродукција „И свињите одат во рајот“ на Горан Дукиќ.

В.Д.