Македонскиот филм забележа светски успеси во оваа бурна и неизвесна 2021 година. Десетици македонски филмови беа прикажани и промовирани на престижни релевантни фестивали. Влегоа во разни селекции, oсвоија солиден број награди, признанија, статуетки. Добија номинации за „оскар“… Во Македонија се создаде нова генерација филмски автори што полека го трасираат патот кон ѕвездите, се натпреваруваат со светот, ги надминуваат бариерите, растат и созреваат, вешто се справуваат со филмската конкуренција, блескаат на црвениот тепих… Одговорни се за подемот на македонскиот филм и негово позиционирање на меѓународната филмска мапа. И покрај тоа што за некои од нив дебитираат, импровизираат, експериментираат и снимањето на филмот го реализираат во далеку од совршени услови од секој аспект (и инфраструктурно, и логистички, и финансиски), постигнуваат успеси вредни за почит. Ова е потсетување само на некои од нив.
Листа на успеси
Косовскиот филм „Улиште“, дебито на режисерката Блерта Башоли, во кој Македонија е копродуцент, влезе во потесниот избор од 15 филма, од кои ќе се изберат пет за номинација за „оскар“ во категоријата најдобар меѓународен филм. Режисерката Дина Дума со својот прв долгометражен филм „Сестри“ е национален претставник за „оскар“. Доби специјална награда од жирито на чешкиот фестивал „Карлови Вари“. И е прв македонски филм што е дел од репертоарот на „Нетфликс“.
„Северен Пол“ на Марија Апчевска-Петровска ја освои „големата награда“ на фестивалот во Билбао, наградата „златна колица“ за најдобар краток филм на „Загреб филм фестивал“, наградата „Санта Луциа“ за најдобар интернационален краток филм на фестивалот во Богота. Учествуваше во официјалната селекција на „Канскиот филмски фестивал“, а следно, филмот ќе се прикажува во Пекинг, Лондон, Трондхајм и Лес Аркс. Филмот „Нема да бидеш сама“ на режисерот Горан Столевски ќе ја доживее светската премиера на големиот филмски фестивал „Санденс“ во јануари. Македонскиот игран филм „Снежана на крајот умира“ по сценарио и во режија на Кристијан Ристески ќе има премиера на фестивалот „Сламденс“ во Парк Сити, САД. Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски периодов освои четири почесни признанија, а имаше и грчка, француска, италијанска премиера… „Вера сонува за морето“ ја освои главната награда на Меѓународниот филмски фестивал во Токио! И по 20 години ја однесе Македонија на меѓународниот филмски фестивал во Венеција „Мостра“.
„Ефектот на среќа“ на режисерот Борјан Зафировски ја освои главната награда за најдобар филм на 11. издание на „Балканскиот филмски фестивал“ во Поградец. Долгометражниот игран филм „Хомо“ ја освои наградата за најдобра режија во Индија. Имаше проекција и во една од најдобрите киносали во Франција. На „Сараевскиот филмски фестивал“, „Стела“ беше единствен македонски долгометражен филм. Играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски е прогласен за најдобар странски филм на „Индипендент филм аворд“ во Лондон. Дебитантскиот филм на Игор Алексов „Лена и Владимир“ ја смести Сара Климоска меѓу десетте европски актерски откритија во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин.
Нови теми и автори
По успехот на „Медена земја“ и двојната номинација за „оскар“, природно беше фестивалите да се заинтересираат за македонската кинематографија, па, така, стана секојдневие некој нов македонски (краток или долгометражен) филм да биде дел од селекцијата на престижните фестивали низ светот, смета филмскиот критичар Игор Анѓелков.
– Но дека не се работи за инерција и коинциденција, туку за доказ за нов квалитет во нашата кинематографија покажаа и многубројните фестивалски награди во изминатиот период, што само може да радува дека кај нас, иако годишно се снимаат малку филмови, сепак тоа може да изненади и пристоен филмски квалитет. Новата генерација режисери храбро се соочуваат со современите теми и тоа е препознаено како универзална вредност во нивните дела, па оттаму и признанијата во различни категории, што е уште една потврда дека приказните тука, околу нас, можат да бидат препознаени од публиката и жиријата каде било низ светот – вели Анѓелков.
Ренесанса на македонската кинематографија или инцидентни индивидуални успеси, е прашање што го анализира Небојша Јовановиќ, филмски автор и директор на интернационалниот филмски фестивал „Киненова“.
– Македонската кинематографија изминативе години можеме да кажеме дека ја обележи силното присуство на најголемите светски филмски фестивали. Оваа година успесите на македонскиот филм продолжија со прикажувањето на краткиот филм „Северен Пол“ на исклучително надарената, млада и со веќе препознаен филмски ракопис македонска режисерка Марија Апчевска, во официјалната натпреварувачка програма на кратки филмови на најпрестижниот „Кански филмски фестивал“, но и „Сестри“ на младата Дина Дума – вели Јовановиќ.
Според него, изгледа дека на македонската кинематографија ѝ се случува своевидна ренесанса.
– Прво, еден дел на млади автори со својата силна мотивираност и влог направија подвизи што ја променија реалноста во македонската кинематографија. Се промени перцепцијата дека само треба да добиеш средства од државата и да го снимиш филмот, туку дека треба да се излезе во светската јавност, да се искомуницира темата, со можност да се променат состојбите. Па, така, овие млади луѓе уште пред да стигнат до наградите беа присутни на регионални и на светски настани за развој на филмски проекти. Светската јавност се запозна со она што го работат уште пред филмовите да добијат некаква награда или да бидат селектирани – објаснува Небојша.
Вториот аспект, според него, е овозможувањето услови, меѓу кои и финансирањето од државата.
– Ако ги споредиме поддршките на „големите“ проекти и на оние успешните, кои раскажаа силни приказни, ќе видиме всушност дека комодитетот да се снима буџетски раскошен филм не довел до добар резултат. Напротив, борбата со околностите и со самиот себе, да се надмине авторот во што поскромни технички и материјални услови да направи нешто. Од трета страна, во македонското општество, кое ја живее својата трагична судбина на бескрајна транзиција доведе до тоа многу лични и колективни драми да испливаат на површина. Напросто само треба малку да нурнеш во овој наш македонски океан и ќе можеш да црпнеш голема и длабока тема – дополнува Јовановиќ.
Тој им се восхитува и на младите жени што започнаа сериозно да се занимаваат со филм во Македонија: Марија Апчевска, Тамара Котевска, Елеонора Венинова, Дина Дума…
– Сите тие прават еден вистински нов женски бран во македонската кинематографија. Ова покажува дека овој таканаречен резултат за македонската кинематографија не го прави некаква стратегија по која државата систематски и по строги критериуми ги поддржува македонските филмски автори, туку дека најмногу сите овие успеси се резултат на личниот влог, мотивираноста, силната љубов на новата генерација македонски филмски автори – категоричен е Јовановиќ.