Рецитал на хармоникашот Филип Петрески ќе се одржи денеска, во камерната сала на Филхармонијата. Станува збор за еден од најзначајните млади македонски хармоникаши. На програмата се дела од Золотарјов, Албениц, Семјонов, Дога, Зубицки и Пјацола.
Покрај Филип Петрески, ќе настапат и хармоникашите Христијана Матеска и Виктор Кулески, Александра Чуруковска (контрабас), Марија Ѓошевска (пијано), Марија Трајковска (виолина), Маријана Николовска (пијано) и Александар Поп-Христов (гитара).
Филип Петрески (1998) завршил во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј“ во класата по хармоника на Зорица Каракутовска, во чија класа на Факултетот за музичка уметност дипломирал со највисока оцена. Се закитил со голем број награди на разни државни и на интернационални натпревари, додека во меѓувреме редовно учествувал и на голем број концерти и фестивали во Македонија и во странство. Како солист гостин и член во разни камерни состави учествувал во повеќе манифестации, меѓу кои и меѓународниот проект „Светски ден на хармониката“, концерти организирани од Музичката младина на Македонија, фестивалот „Златна лира“, „Музика вива“, Фестивалот на млади хармоникаши, манифестацијата Вечер со звуците на хармониката, „Филхармонија за филхармонија“ и други. Во 2015 година го освои 5-то место на еден од најпрестижните натпревари за хармоника „Кастелфидардо“ во Италија, додека истата година го промовирал македонското творештво на светскиот куп за хармоника во Турку, Финска, со изведба на делото „Дејгиди“ од композиторката Бете Илин. Во 2021 година се закитил со „златен медал“ во Италија на 12-от интернационален натпревар за хармоника. Петрески е член на „Танго – трио“ со кое редовно настапува на различни фестивали и манифестации на државно и на интернационално ниво.