Разговорот е дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“ што на библиотеката ѝ го донесе признанието „Промотор на читачката култура“ според Македонската асоцијација на издавачи
„Сега ти стануваш јас“ е книга на месецот
Разговор со поетесата Долорес Атанасова-Лори, чија стихозбирка „Сега ти стануваш јас“ е книга на месецот, ќе се одржи во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Разговорот е закажан за в четврток (9 мај) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“, ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
„Сега ти стануваш јас“ (во издание на „Чудна шума“) е последната, осма книга од вториот циклус на големата кампања „Читаме современи македонски автори“, која ги промовира македонските писатели и македонскиот јазик.
– Погледни го човекот во себе и погледни го човекот во другиот, и ќе видиш сѐ што сме направиле и сѐ што би можеле да направиме, не сме ние толку различни еден од друг, повеќе сме исти на различен начин. Во нас живее сѐ од секого, нешто од тоа е будно, нешто заспано, ние сме она што одбираме да го разбудиме во нас – стои во белешката од авторката Долорес Атанасова-Лори.
Д. А. Лори својата прва збирка поезија „Будење во трето лице еднина“ ја издава во 2014 година. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“. Добитничка е на наградата ֦„Тодор Чаловски֞“ за 2019 година, по што излегува четврта книга ֦Ќе фатит бран”. Нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена“ и е-книгата „Поетискон“, како и на страната на „Словокулт“, онлајн-магазин за уметност и литература, и „Фикспоетри“, германска платформа за литература на интернет.
Нејзината поезија е објавена во монографијата на „Астални проекции“, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“. Таа е добитник на интернационалната награда на „Антево слово“, која за првпат беше доделена во 2017 во состав на италијанската поетска манифестација „Ангело ла Векија“.
Во 2020 за книгата поезија „Небо во кафез“, беше во првите пет номинирани за наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшки вечери на поезијата“.
Нејзините стихови се превдени на германски, англиски, српски, хрватски, италијански и шпански. Во 2023 година излезе нејзината петта поетска збирка „Сега ти стануваш јас“ во издание на „Чудна шума“.
Со „Сега ти стануваш јас“ ГБСК го заокружува вториот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ во кој имаше и жанровска разноликост: раскази, репортажи, романи и поезија.
– Кампањата почна во септември 2022 година како дел од стратегијата за достојно место на делата на современите македонски писатели на нашите полици и најважно, меѓу читателите. По две години и 16 претставени автори и книги можеме да кажеме дека нештата се менуваат, дека значајно е зголемен интересот за македонските писатели, па и за оние што не се дел од кампањата – велат од „Браќа Миладиновци“.
Токму оваа кампања на ЈУ Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ѝ го донесе признанието Промотор на читачката култура што го доделува Македонска асоцијација на издавачи (МАИ).
Третиот циклус од „Читаме современи македонски автори“, со нови осум автори, ќе започне во септември оваа година и ќе трае до мај 2025 година.