Филмот „Превртено“ на Игор Иванов-Изи, по повод 15 години од неговата премиера, ќе биде прикажан на 20 октомври во Кинотеката на Македонија со почеток во 20 часот. Дебитантскиот долгометражен игран филм на Иванов, „Превртено“ (Upside Down) најпрвин беше прикажан во 2007 година на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, каде што беше во конкуренција за наградата „East of West Award“, а подоцна ја освои и Наградата за најдобра режија на фестивалот во Валенсија – Mostra de Valеncia-Cinema del Mediterrani.
Филмот „Превртено“ ја имаше македонската премиера на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола во 2007 година и претставува еден од последните македонски играни филмови снимени на 35мм лента.
Филмот е работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски (кој е и косценарист на филмот). Продуциран е со финансиска поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија, Министерството за култура на Р. Хрватска, Министерството за култура на Р. Србија, The Global Film Initiative и МРТВ. Продуценти се „Сектор филм“ – Скопје, Mainframe Production и Cinears.
Повторното прикажување на „Превртено“ по повод 15 години од неговата премиера ќе се случи во чест на починатиот македонски актер Славиша Кајевски, кој во декември минатата година, на 39-годишна возраст прерано го заврши животот. Токму Кајевски ја толкува една од главните улоги во филмот, заедно со Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Марија Кондовска, Елена Серафимовиќ, Јордан Симонов, Ѓорѓи Јолевски и Инес Бојаниќ.
Споредните улоги ги играат Силвија Јовановска-Стојановска, Петар Мирчевски, Лабина Митевска, Камка Тоциновски итн.
Продуцент е Владимир Анастасов, директор на фотографија е Томи Салковски, монтажер е Игор Андреевски, сценографијата е на Иван Бартлинг и Игор Тошевски, костимите на Бланка Будак, а музиката ја компонираше Зоран Спасовски. Копродуценти на филмот се Игор А. Нола и Милко Јосифов.
„Превртено“ е приказна за Јан Лудвик, млад човек кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество – генерација родена во социјализмот, но живее и е сведок на рудиментарниот капитализам. Неговиот анархичен став кон животот го доведува до безизлезни ситуации, во кои не може да се реализира себеси. Меѓутоа, додека вистинските анархисти дејствуваат и ја менуваат свеста на својата околина преку акции, Јан можеби знае што не сака, но не знае што сака – момент што го става во позиција на „изгубен лик од нашата околина“.
Се работи за урбана приказна, раскажана преку колоквијален говор, за животот на младите луѓе во Скопје, на почетокот на деведесеттите години на XX век, во периодот на почетокот на транзицијата, во која се вклучени повеќе елементи што се симбол на поп-културата: рок музика, стрипови, употреба на лесни дроги. Приказната, со интересно имплементирани фантастични елементи е раскажана преку гледната точка на главниот лик Јан, во еден вид на реминисценција – сеќавање на неговото минато, додека тој патува дома со воз, а всушност – тоа е духот на Јан, односно неговата душа, која го придружува неговото мртво тело на патот кон дома – се сеќава на својот живот: средношколецот Јан, кој живее со татко си, нема некои конкретни, помали или поголеми амбиции во животот. Неговиот другар Павел е нешто повеќе заинтересиран да успее во животот, а Луција, нивната соученичка, е мистериозна девојка со која Јан се обидува да оствари врска. Тоталитарното влијание на политиката врз животот на младите луѓе е претставено преку инсистирањето за зачленување во владејачката Партија на националниот дух, што Јан го одбива, додека Павел и Луција се зачленуваат. Заради одбивањето да се вклопи во доминантната матрица, Јан е санкциониран од „невидливите“ општествени темни сили, прво со ќотек, а потоа и со обид да биде обвинет за убиство, по што тој ја напушта земјата и заминува со циркусот што престојува во неговиот град.