Културниот центар „Јадро“ утре и задутре ќе ја организира дводневната работилница „НФТ арт – револуција или полуција“, на која уметниците детално ќе се запознаат со новите текови во дигиталниот свет, како и со можностите што овој свет ги нуди за коегзистенција на уметноста и дигиталното. Фокусот ќе биде кон објаснување на начинот на кој функционира НФТ преку практични примери, со покажување што се случува во заднина. Овој процес има цел да ги мотивира учесниците да креираат сопствен профил како уметници во НФТ-светот.
Работилницата е наменета за 20 уметници и куратори (во зависност од бројот на пријави и интересот) од сите области, особено ликовната уметност. Закажана е за 20 и 21 јули, во 19 часот, а ментори се Давор Илиев и Тања Ефремова.
Давор Илиев е роден во Дортмунд, Германија, а живее и работи во Скопје. Уште од мал пројавува интерес за пишување и аудиовизуелни уметности. Дипломирањето на отсекот за информатика на Природно-математичкиот факултет му овозможува да започне професионално да се занимава со мултимедија-дизајн. Тања Ефремова (1980, Скопје) дипломирала на Институтот за историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет во Скопје (2007). За време на студиите учествува на неколку проекти од областа на археологијата, а потоа нејзиниот интерес го привлекуваат дигиталните медиуми. Во оваа професија останува до денес, стекнувајќи се со одлично искуство во сферата на современите медиуми.