• Овој концерт го чувствувам не само како професионален успех туку и како личен, бидејќи создавањето и приемот на „Дон Кихот во Скопје“ уште еднаш ми потврдија дека борбата против трите ветерници – неправдата, лицемерството и рамнодушноста претставува универзално препознаена вистина, истакнува Дино Имери

„Дон Кихот во Скопје“, создаден од Дино Имери и Дијана Имери Илкоска, по македонската премиера на 21 октомври, во фоајето на Националната опера и балет, со Камерниот оркестар ID, е претставен и пред француската публика. Француската премиера се одржа на 30 ноември во црквата „Мала ѕвезда“ во Париз.
По светската премиера на концертот за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар со наслов „Дон Кихот во Скопје“, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери, под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, поддржано од страна на Министерството за култура и туризам, единственото македонско дело се најде на програмата на концертот на престижниот француски ансамбл „Хефестус“, на кој беа претставени најновите достигнувања во современата музика, а во програмата беа одбрани француски, канадски и, италијански дела.
– Овој ансамбл нѐ покани да бидеме дел од програмата со нашето дело, кое остави силен впечаток кај организаторите, а потоа и кај публиката, која ги враќаше сите уметници на сцената повеќепати – изјавија за „Нова Македонија“ Дијана Имери Илкоска и Дино Имери.
Ова дело е напишано по повод националниот ден на Шпанија, а претставува нарачка од шпанската амбасада во Скопје. Централна тема е херојот од романот на Мигел де Сервантес – Дон Кихот, кој доаѓа во Скопје да помогне во битката со трите ветерници – неправдата, лицемерството и рамнодушноста. Во приказната напишана од авторката Тина Иванова, херојот победува во битката и пред да замине ни вели да ги слушнеме фанфарите не на победата, туку на човечкото достоинство и дека ние во себе веќе имаме сѐ што ни е потребна да ги победиме овие ветерници. Делото е силно инспирирано од шпанскиот и македонскиот фолклор, во еден уникатен и досега нечуен склоп. Двата елемента се постојано присутни преку неочекуваниот спој на карактеристиките на фолклорот во комбинација со уникатни решенија во оркестрацијата, хармонијата, ритамот и мелодијата.
– Самото добивање покана да се настапи со ансамбл како „Хефестус“, составен од врвни музичари што пленат со својата музикалност, занаетска вештина и професионалност, веќе е огромно признание за еден изведувач и композитор, особено што оваа меѓународна изведба на нашето дело се случи само неколку месеци по неговото создавање. Од друга страна, пак, Париз со својата уникатност и неверојатен шарм ја направи возбудата кај нас уште поголема и кога седумосминскиот ритам, кој преовладува на крајот од првиот став на нашето дело, прозвучи помеѓу другите композиции од француските автори, ме обзеде силна емоција, која публиката ја препозна и нѐ награди со громогласни аплаузи и овации – вели Дијана Имери Илкоска, коавторка на „Дон Кихот во Скопје“ и диригентка.
Ова дело ја доживеа првата меѓународна премиера во Париз, а идната година следуваат премиери во повеќе светски центри.
– Овој концерт го чувствувам не само како професионален успех туку и како личен, бидејќи создавањето и приемот на „Дон Кихот во Скопје“ уште еднаш ми потврдија дека борбата против трите ветерници – неправдата, лицемерството и рамнодушноста претставува универзално препознаена вистина. Прекрасно е чувството да ја слушнете сопствената креација во изведба на фантастичните музичари од ансамблот „Хефестус“, кој е посветен на изведба на новосоздадена музика, а дотолку посилна беше емоцијата да се сподели овој момент со Дијана, која го водеше оркестарот, виолинистот Бојан Илкоски, во улога на концерт-мајстор, како и флејтистката Богдана Бушевска, која веќе неколку години е сериозна амбасадорка на македонската култура во Париз – изјави веднаш по концертот пијанистот Дино Имери, коавтор „Дон Кихот во Скопје“.

Тони Гламчевски, наш постојан известувач од Франција