На 14 декември 2024 година, во КИЦ – Салон 19:19, за првпат ќе се одржи меѓународниот натпревар по пијано PIANO KEY („Пијано клавиш“).
PIANO KEY – International Piano Competition е прв меѓународен натпревар посветен на пијаното во Скопје, во организација на Здружението за промоција и развој на културата „Модорас“, Скопје, а уметнички директори се д-р Ема Попивода, професор по пијано на Музичката академија во Штип, и м-р Светлана Димитриевска, наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Скопје.
Учесниците може да се натпреваруваат во повеќе дисциплини, во соодветни категории.


Натпреварувачите во категоријата онлајн предизвик ќе ги оценува реномирана интернационална комисија, составена од еминентни професори и пијанисти, етаблирани во музичкиот свет: Драгомир Братиќ (Србија), Данијел Ото (Хрватска) и Илинка Манова (САД, Македонија). Комисија за изведба во живо ја сочинуваат педагози и пијанисти со високи педагошки достигнувања: Ема Попивода, Светлана Димитриевска, Катерина Ќетковиќ Фидановска и Цури Колос.
Натпреварот е поддржан од Амбасадата на Јапонија и од Амбасадата на Австрија во земјава. По тој повод ќе бидат доделени и специјални дипломи за најдобра изведба на дело од јапонски и најдобра изведба на дело од австриски композитор. Овие награди ќе ги доделат амбасадоророт на Јапонија, Отсука Казуја, кој ќе ја почести публиката со свој настап на гитара и изведба на композицијата „Сакура, сакура“ и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.
Поддршка за македонската класична музика доаѓа од семејството Цаневи, кои ќе доделат награда за најдобро изведено дело од македонскиот композитор, Благој Цанев.