Американските власти заплениле луксузна јахта во сопственост на еден руски олигарх и при пребарувањето на огромното пловило, вредно 300 милиони долари, пронашле јајце на Фаберже, објави „Гардијан“. За ова прозборе адвокатката Лиза Монако на форумот „Аспен секјурити“, каде што се расправаше за санкциите кон Русија, поради војната што ја води во Украина.
Токму запленувањето на јахтата е дел до тие санкции, иако, сепак, пронаоѓањето на јајцето било сосема неочекувано. Станува збор за уметнички предмет што ѝ припаѓа на серијата велигденски јајца украсени со накит, создадена меѓу 1885 и 1917 година. Стручњаците веруваат дека биле направени 69 јајца, од кои 55 за руските цареви Александар Трети и Никола Втори. Денес се знае дека 57 творби преживеале, а 44 се дел од кралската колекција.
Јахтата на која е пронајдено јајцето се движела од Фиџи и во моментот е стационирана во Сан Диего, а името ѝ е „Амадеа“. Било потребно извесно време Фиџи да им ја предаде јахтата на Американците. Случајот завршил на суд, бидејќи се верува дека Едуард Кудаинатов, Русин што тргува со нафта, кој тврди дека е сопственик на нафтата, всушност, работи како ополномоштено лице на Сулејман Керимов, олигарх што тргува со злато и кој е на списокот на лица што им подлежат на американски санкции. Капетанот на бродот изјавил пред судот во Фиџи дека пловилото мора да одржува строга температура и ниво на влажност, за да се зачуваат вредните уметнички дела на бродот, како и скапоцените килими, дрвената и кожна галантерија и мермерните и позлатени метални површини.
Што се однесува до јајцето, сѐ уште се чека потврда дали станува збор за оригинал, а негови фотографии сѐ уште не се објавени. Сепак, доколку станува збор за оригинал, неговата вредност е десетици милиони американски долари.
Стручњакот Тони Фабер изјавил за Си-ен-ен оти не верува дека јајцето е вистинско, додавајќи дека сѐ околу овие уметнички дела на Фаберже е обвиткано со превезот на мистеријата.
– Седум јајца недостигаат, а ги нема практично од избувнувањето на Октомвриската револуција во 1917 година – изјавил тој.
Сепак, се случува јајцата одненадеж да се појават. Така, во 2014 година едно такво јајце од 18-каратно злато требало да се претопи во замена за 14.000 долари, но постапката е спречена во последен момент, бидејќи било откриено дека станува збор за оригинал. Потоа јајцето било продадено за 33 милиони долари. Последен пат јајце на Фаберже се нашло на аукција во 2007 година, кога „Кристис“ го продала предметот за 18, 5 милиони долари.