Во изложбениот салон и заедница на македонски дизајнери и занаетчии „Лаб дизајн маркет“ викендов се одржа промоцијата на новите дизајнери, кои месецов ќе се приклучат на досегашната понуда на маркетот. Четири сосема нови брендови ќе ги понудат своите рачно изработени колекции.
„Мус“ е бренд зад кој стои Сандра Георгиева, препознатлив по рачната изработка на мокасини од кожа за најмалите од 0 до две години. „Дана андо“ е бренд на архитектката Даниела Хаџиќ, која за првпат ја претставува „Артифициелната шума“ – колекција на рачно изработени масички од разни видови дрво. Челичните и алуминиумските парчиња накит од брендот „Солар криејшнс“ на Јоланда Попоска се исплетени во прастарата техника наречена оклоп. Станува збор за поврзување на метални алки во различни плетки создавајќи еден вид мрежа од која се изработувале витешки кошули и оклопи и која се смета дека потекнува уште од 3 и 4 век пред нашата ера. Маја Танева создава линеарни скулптури од челични јажиња со кои го остава својот печат на уникатност на нашата сцена.
„Лаб дизајн маркет“ е изложбен салон што се наоѓа на булеварот Св. Климент Охридски број 68, во центарот „Лабораториум“, сместен во индустриската хала на печатницата „Нова Македонија“. Маркетот прикажува една нова современа форма на традиционалните македонски занаети и за првпат ги поврзува занаетчиите и дизајнерите во заедница од која се очекува да произлезат многу нови соработки, а наедно и се очекува и зајакнување на македонската дизајнерска сцена.