„Охридско лето“
Меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“ отстапи една фестивалска вечер за промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски. Тој со својата екипа – пејачи, инструменталисти и рецитатори, на многубројната публика ѝ подари импресивна музичко-поетска вечер. Врвни музичари, дојдени од Париз и од други светски метрополи, со издадени албуми и гости на најрепрезентативни сцени по светските подиуми дојдоа да му направат чест на Јолески, а на присутните – мигови што ќе ги паметат, со стиховите на Блаже Конески, Гане Тодороски и други автори на македонската класика.
Добрила Грашеска, Игор Трпчески, Сашо Поповски и Александра Поповска донесоа свежина и квалитет во летното пулсирање на Охрид или, како што потенцираше Јолевски во обраќањето, ја споделија убавината на пишаниот збор, нашата музика и македонската култура.
Поранешниот новинар Дејан Трајкоски ги гледа книгите на Јолевски како „текстуални винили“.
– Документаристички раритет. Искра светлина од мрачните лавиринти на македонското копипејст-новинарство. Навезени вистини за едни времиња, гледани од горе, од високо, а срочени лесно, чиниш, како со пердув – вели Трајкоски.
Според професорката и писателка Ана Стојаноска, книгата „Неправилен ритам“ иако изгледа како место за чување на историјата, е одлична база за чување на сето она што во денешен контекст значи современа музичка култура и како таква треба да ни биде дел од нашето секојдневно културно и уметничко доживување.
Авторот на овие две исклучително вредни дела, Љупчо Јолевски, најави дека нема да застане само на овие две книги, туку наскоро ќе следува и трета книга.
– Овие две книги беа мојата лична потреба, не да оставам дел од себе, туку дел од македонската култура како документ, како сведоштво за времето што допрва доаѓа. Втората е наменета на моите внуци, кои допрва ќе растат, и на сите нивни врсници за да знаат што имало овде, на ова тло. Тука сме да ја споделиме мислата, да ја споделиме песната, да го величаме зборот – рече Јолевски, посакувајќи во Охрид да се множат културните настани што ќе ја враќаат вербата во она што е всушност Охрид, мека на културата.