Во кафе-книжарницата „Буква“ се одржаа дебата и промоција на публикацијата „Ткаење солидарност – од раце до срце: осмислување на заедништвото преку женското кооперативно здружување“. Настанот е дел од програмата на фестивалот за феминистичка акција и култура „Прво па женско“, кој оваа година тематски се фокусира на заедничкото дејствување, алтернативните економии и феминистичките одговори на системската нееднаквост.
Програмата ги отвори прашањата поврзани со женските кооперативи – нивниот историски и современ контекст, предизвиците со кои се соочуваат, но и потенцијалот за создавање одржливи и солидарни заедници во Македонија и во регионот. Настанот послужи како простор за презентација на првото истражување за женските кооперативи во земјава, со кое се поставува темелот за подлабинска анализа на можностите за нивно воспоставување, развивање и поддршка како феминистички и економски модели на здружување. Во дискусијата учествуваа истражувачки, активистки и практичарки од различни области: Лилјана Јоноски, докторантка по меѓународно право, извршна директорка на Рурална коалиција; Неда Чаловска-Димовска, магистерка по меѓународно право и експертка за родова еднаквост и антидискриминација; Сара Миленковска, феминистичка организаторка и истражувачка од коалицијата „Маргини“; Ана Џокич, архитектка и коосновачка на кооперативи за домување, енергетика и финансирање во Србија и во Холандија и Сузана Димитриевска, пионерка во органското земјоделство, со фарма што произведува и извезува органски производи, симбол на женско претприемаштво и отпорност.
Настанот има цел да иницира нови перспективи за развој на модели засновани на солидарност, доверба, грижа и социјална правда.