Монографијата „Советување студенти, од проблем до решение“ ја сублимира 10-годишната работа на Советувалиштето за студенти по медицина и сродни науки, при Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија, на Медицинскиот факултет, УКИМ-Скопје. „Свесноста дека е потребно да се чува и унапредува менталното здравје на студентите се зголемува секој ден. Најмногу кај самите студенти. И тоа е добро. Тоа е патот што треба да се изоди за да се зголеми достапноста на служби за психолошка помош на студентите во состав на универзитетите во нашата земја. Изразувам длабока и трајна благодарност до сите колеги и студенти, особено до колегите од мојот институт и до студентите волонтери, кои ја препознаа вредноста на идејата и несебично, со огромен ентузијазам, помогнаа во нејзината реализација“, изјави проф. д-р Сања Манчевска

Свесноста дека е потребно да се чува и унапредува менталното здравје на студентите се зголемува секој ден. Најмногу кај самите студенти. И тоа е добро. Тоа е патот што треба да се изоди за да се зголеми достапноста на служби за психолошка помош на студентите во состав на универзитетите во нашата земја, изјави проф. д-р Сања Манчевска, психијатарка, авторка на монографијата „Советување студенти, од проблем до решение“, објавена по повод 10-годишнината на работата на Советувалиштето за студенти по медицина и сродни науки.
Советувалиштето работи при Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија, на Медицинскиот факултет, УКИМ-Скопје.
– Се надевам дека оваа монографија ќе биде читана од што поголем број читатели, и тоа студенти, наставници и од целата популација, со цел подигнување на свесноста за важноста на менталното здравје на младите во текот на студиите по медицина и стоматологија, кои се исклучително тешки и исцрпувачки, а во исто време претставуваат значаен ризик-фактор за менталното здравје на адолесцентите. Од тука и произлегува и потребата од зајакнување и проширување на дејноста на кабинетот за психолошко советување на проф. Манчевска, со цел рано препознавање и помош, унапредување на менталното здравје, подобар квалитет на животот и на студентите и на нивните семејства, но и на наставниците, а тоа, пак, води кон подобри академски резултати – рече проф. д-р Славица Арсова, раководителка на Катедрата за психијатрија, која даде академски осврт на монографијата.
Монографијата ја сублимира 10-годишната работа на советувалиштето.
– Кога монографијата излезе од печат, ме прашаа колку време ја пишував книгата. Јас одговорив „10 години“, веднаш, без размислување. И тоа е вистина. Книгата самата се пишуваше во текот на минатите десет години при мојата работа во советувалиштето. Создавањето на монографијата беше долго, интензивно и возбудливо патување, кое ми го смени животот. Долг пат поминав од ентузијастичен љубопитен научник, кој експериментира со интердисциплинарни концепти и дизајни, какви што се агентството и мозочен-компјутерски интерфејс, и пионерски истражува ендогени мозочни потенцијали поврзани со настан кај пациенти со хронична шизофренија, до психијатар советник на студентите по медицина и преостанатите, кој е одлучен адвокат на идејата дека најефективната психолошка поддршка и помош на студентите може да им се дадат само преку концептот „политика на отворена врата“, внатре во академската средина. Само на тој начин може да се минимизира постојната стигма поврзана со психијатриско-психолошката интервенција. Изразувам длабока и трајна благодарност до сите колеги и студенти, особено до колегите од мојот институт и до студентите волонтери, кои ја препознаа вредноста на идејата и несебично, со огромен ентузијазам, помогнаа во нејзината реализација – рече проф. д-р Манчевска.
Проф. д-р Јасмина Плунцевиќ-Глигороска, рецензентка на монографијата и раководителка на Институтот за физиологија со антропологија, на Медицинскиот факултет, УКИМ-Скопје, рече дека насловот на монографијата упатува на првиот чекор, препознавање на проблемот, за тоа дека студентите се вулнерабилна популација.

– Вториот чекор е да се стапне на патот за решавање на проблемите. Во советувалиштето посебно беа адресирани проблемите што се поврзани со академската средина, но и многу други видови проблеми со кои се сретнува една млада индивидуа. Освен драгоцената помош што им е дадена на овие млади луѓе, во најчувствителниот период на формирање зрела личност, во врска со активностите на советувалиштето посебно би ги истакнала младите луѓе што биле ангажирани и активно помагале во работата. Во советувалиштето волонтирале, растеле и се развивале млади колеги, кои со својата извонредност, емпатија и човечност се истакнале и оставиле длабок впечаток на сите нас. Монографијата, која ја промовираме во научната и во пошироката јавност, е споменик на една оригинална, успешна и хумана активност, која треба да се почитува, цени, слави и да биде инспирација за понатамошна уште поширока и поголема активност – изјави проф. д-р Плунцевиќ-Глигороска.
За значењето на монографијата за академската средина, проф. д-р Јулија Живадиновиќ-Богдановска, продеканка за настава на Медицинскиот факултет, УКИМ-Скопје, потенцира три аспекти, теоретска подлога, проблем и решение и дека, за разлика од многу други книги во кои се дефинира и се пишува за одреден проблем и не се зборува за негово решение, во оваа книга се дефинираат проблеми и се нудат практични решенија, како и тоа дека значењето на монографијата за академската средина е во тоа што, покрај тоа што ги адресира проблемите на студентите и нуди начини за нивно решавање, таа дава и основа за понатамошна едукација на наставниците за ефективна и успешна комуникација со студентите, со цел создавање поттикнувачка средина за сите. К.Р.