„Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ е избор од 15 есеи за партиципациската уметност со фокус на уметноста во Југоисточна и во Централна Европа. Милевска ги напишала и ги објавувала овие текстови на англиски во текот на повеќе од петнаесет години
Промовирана книга од теоретичарката
Сузана Милевска во Њујорк
Во галеријата MC, во Њујорк, се одржа промоција на книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од македонската теоретичарка Сузана Милевска. Книгата е во издание на „ЗГ контрапункт“ во едицијата „Пунктум“. На промоцијата во Њујорк, по воведното обраќање на Искра Гешоска, културна теоретичарка и издавачка на книгата, се одржа разговор меѓу авторката на книгата, Сузана Милевска, теоретичарка на визуелната култура и кураторка од Скопје, и Живка Ваљавичарска, вонредна професорка на институтот „Прат“ во Њујорк, по што следуваше и одговор од Тијана Ана Спасовска, историчарка на уметноста. Артан Садику, теоретичар на културата и политиката, го модерираше целиот настан, кој заврши со отворена сесија за прашања и одговори. По промоцијата беше отворена изложба на Тадеј Погачар, курирана од Сузана Милевска.
„Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ е избор од 15 есеи за партиципациската уметност со фокус на уметноста во Југоисточна и во Централна Европа. Милевска ги напишала и ги објавувала овие текстови на англиски во текот на повеќе од петнаесет години. За првпат, овие есеи се објавуваат заедно во оваа збирка, почнувајќи со првиот есеј напишан на оваа тема во далечната 2006 година. Паралелно со англиското издание, книгата се објавува и на македонски. Сите есеи се преведени на македонски и уредени од Ана Димишковска, деканка на Институтот по филозофија и професорка по логика и филозофија на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Сузана Милевска е теоретичарка и кураторка за визуелни уметности и култура. Нејзините теориски и кураторски интереси се свртени кон постколонијалната критика на хегемонските режими на моќта во претставувањето, родовите разлики во визуелната култура, и феминистичките, партиципативните и колаборативните уметнички практики. Милевска била главна истражувачка на проектот на „Хоризонт“ во 2020, насловен „Траги“, на Политехничкиот универзитет во Милано, а во 2019 година ја курирала завршната изложба „Спорни објекти/Засрамени субјекти“. Милевска има докторат по визуелна култура од универзитетот „Голдсмит колеџ“, Лондон. Во 2004 година била Фулбрајтов стипендист како виш истражувач во Конгресната библиотека во Вашингтон.
Македонското издание ќе биде промовирано во Скопје во организација на КРИК – фестивал за критичка култура.