Во седиштето на Здружението на пензионери од Кичево беше промовирана фотодокументацијата со работен наслов „Работи – па стани пензионер“ на авторот и претседател на Здружението на пензионери од Кичево, Душан Ристоски. На околу 200 страници авторот направил сублимат од случувања збогатени со мноштво фотографии за периодот од кога датираат неговите почетоци, пред 73 години, во далечната 1950 година, па до денес.
– Издавањето на оваа фотомонографија, насловена „Работи – па стани пензионер“, има цел да се даде хронолошки преглед за опстојувањето и работата на ова здружение. Првите почетоци на ова здружение датираат од пред 73 години, кога здружението се наоѓало во составот на тогашниот синдикален совет, а како самостојно здружение е регистрирано во 1956 година и како такво функционира и денес – рече авторот и хроничар на Кичевијата Душан Ристоски.
Тој во продолжение истакна дека целта на оваа книга е да се овековечат лицата од третата доба, без да бидат избришани од заборавот.
– Целта ми е како автор на оваа фотомонографија да ја овековечам најмногубројната популација на граѓани од третата доба, да не бидат избришани од заборавот на времето. Во оваа книга најпрво се дадени историски настани од Кичево и Кичевијата, па преку првите стопански субјекти, од каде што произлегле и првите пензионери по војната 1941-1945 година и преку донесената законска регулатива за пензионерско работење, прво на сојузно ниво, па преку создавање на првото Здружение на пензионери во Република Македонија кон крајот на 1950 година во Скопје – додаде авторот.
Тој нагласи дека денес Здружението на пензионери во Кичево е самостојно сместено во свој дом на пензионери, а во него денес членуваат над 5.000 пензионери со старосни и семејни пензии од сите националности.
Промотор на овој труд беше поранешниот новинар на јавниот сервис и еден од двајцата рецензенти Саша Дукоски. Издавач е „Ирис Струга“. Инаку, Ристоски е автор на поголем број трудови од различни области, а најмногу го третирал Кичевскиот Регион.