Новата сликовница на познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов, со текст на српската авторка Ана Торма – „Рекичето што сакаше да порасне“, ќе биде промовирана денеска, во 19 часот, во „Литература.мк“ во Струмица.
Ова е петта книга за деца од Костуранов, во издание на „Арс ламина“, по „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019), „Девојчето и градот“ (2020) и „Мирко Немирко“, со текст на Ана Ѓокиќ (2021).
„Рекичето што сакаше да порасне“ е нежна лирска алегорија за дете што е нестрпливо да порасне. Во својот прв книжевен текст, Ана Торма прави симпатична, симболична „замена“ на дете со рекиче и на мајка со река. Така, малите читатели полесно ќе се идентификуваат со приказната и ќе станат свесни дека сè во светот (и животните и растенијата…) е еден вид одраз на луѓето, поточно на растењето, на созревањето и на заминувањето на луѓето, како животен циклус.
Рекичето на Торма и на Костуранов не е рекичка, како што вообичаено ги викаме малите реки. Таа е рекиче и со оваа зборовна финеса, со нетипичниот деминутив, се остварува дополнителна милост. Се онеобичува необичното, се намалува малото, се разнежнува нежното, но и се подвлекува индивидуалноста како битен патоказ во развојот на децата.