• Настанот има отворен карактер и добредојдени се сите вљубеници во квалитетната книжевност

На Малата сцена во МНТ, денеска, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на „Александар јава на запад“, новиот роман од Венко Андоновски.
По точно три години од големиот книжевен спектакл што го обележи пристигнувањето на „Папокот на светлината“ во киното „Милениум“ и по големиот успех на оваа книга, која досега доби шест изданија и меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“, Венко Андоновски се враќа со роман што ветува нов успех од широки размери.
Промотори ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Ерол Ризаов. Истакнатата македонска книжевна теоретичарка и професорка на Филолошкиот факултет и долгогодишниот македонски новинар и политички аналитичар, обајцата познати домашни ерудити, ќе ни го доближат овој необичен роман давајќи ни патоказ за неговото читање, истакнувајќи го и влијанието на Андоновски врз домашната литература и воопшто во општеството.
Од издавачкиот центар „Три“ истакнуваат дека настанот има отворен карактер и добредојдени се сите вљубеници во квалитетната книжевност.
Со „Александар јава на запад“, Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени. Со овој роман Андоновски ја отвора можноста за повторно враќање на театарските сцени со нов сјај. Дотогаш на читателите им преостанува да нурнат во пишаното.
Книгата ќе биде на продажба на самата промоција, а веќе е достапна во сите книжарници на издавачкиот центар „Три“ и онлајн на kniga.mk.